Во Боливија смеат да работат деца од 10 години
4 јули 2014Боливискиот парламент официјално дозволи работа на деца од десетгодишна возраст. Пратениците го усвоија законот со кој претпријатијата треба да го гарантираат само запазувањето на телесното и душевното здравје на своите млади работници и да спречат нивно искористување. Официјалната минимална старосна возраст за вработување и натаму останува 14 години, но во исклучоци таа е намалена на 12 години. Ако неполнолетните работат самостојно, според одлуката на парламентот, тоа можат да го вршат со навршени 10 години.
Во најдобар случај, без детска работа од 2020. година
Според досегашната законска регулатива, во никој случај не беше дозволен работен ангажман на деца под 14 години. Критичарите истакнуваа дека тоа е далеку од реалноста, зашто многу деца во Боливија поради растечка сиромаштија мораат да работат многу порано. Законот треба да помогне земјата до 2025. година да се ослободи од екстремната сиромаштија, а се предвидува дека од 2020. година нема да биде нужна детска работа.
Овој потег предизвика внимание во светски размери. Новиот закон треба да биде потпишан од претседателот Ево Моралес за да стапи во сила. Моралес се изјасни против генерална забрана на детски труд, зашто тоа било дел од националната култура. Според него, државата сепак мора да обезбеди децата да бидат третирани правилно и да бидат заштитени.
Согласноста на претседателот е сигурна
Боливискиот претседател и самиот како дете работел во една пекара. Освен тоа, тој заработувал и како помошник во производство на цигли за градење. Тој како петгодишно дете му помагал на својот татко во сезонската работа на полињата за шеќерна трска во Аргентина, а како тинејџер Моралес заработувал и како уличен музичар.
Кон крајот на минатата година синдикатите организирани од децата-работници протестираа во Ла Паз, барајќи намалување на старосната граница за дозволена работа, но и за јакнење на своите права со закон.
Боливија е најсиромашната држава во Латинска Америка. Официјално, во земјата околу 850 илјади деца работат наместо да одат во училиште. Според проценките на Меѓународната организација на труд, ИЛО, во светот работат околу 168 милиони деца.