1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во БиХ секој учи своја историја

Емир Мусли/ Симе Недевски9 септември 2013

Ист или три слични јазици? Заедничка историја со три различни јазици? Чии се кои држави? Тоа се само некои од недоразбирањата, затскриени со привремениот договор- до завршувањето на реформите во образование во БиХ.

https://p.dw.com/p/19e6B
Фотографија: DW/Emir Musli

Кога ќе биде завршена реформата во образованието и кога ќе бидат усогласени заедничките училишни програми во Босна и Херцеговина, никој не знае. Во меѓувреме, бошњачките ученици во две основни училишта во Република Српска не ја започнаа оваа училишна година. Нивните родители бараат воведување на „национална група предмети“, односно настава на босански јазик, историја и географија според планот и програмата на кантонот кој ќе го изберат. Од надлежното министерство во РС тврдат дека нема пари за нови „реформи“.

Образование без дискриминација

Потпретседателот на Народното Собрание на РС Рамиз Салкиќ упати јавно писмо до министерот за образование и култура на РС Горан Мутабџија. За ДВ Салкиќ вели дека родителите само ги бараат уставно гарантираните права за своите деца и оти министерството сѐ уште е немо.
„Во Котор-Варош и во Братуница е евидентно дека во тие училишта мнозинството ученици се Бошњаци. Уставот и законот гарантираат право на образование на јазик за кој ќе се изјаснат родителите и учениците. Законот прецизно одредува кога и во какви услови се има право на такво нешто. И дека се сите обврзани во училиштата да обезбедат да нема верска, национална, јазична, политичка или каков било друг вид дискриминација“, вели Салкиќ.
Слични проблеми имаше и во Јанја во 2005. година. Тогаш во Основното училиште „Меша Селимовиќ“ за 520 бошњачки ученици е воведена настава од „национална група предмети“, заснована на „Привремениот договор за посебни права на децата повратници“. Договорот во 2002. година го потпишаа 13 министри за образование во БиХ, а во Јанја 3 години бараа тој да се спроведе.

Schule in Bosnien
ОУ „Меша Селимовиќ“ во ЈанјаФотографија: DW/Emir Musli

Едно училиште со две програми

Самир Баќевац е еден од 27 Бошњаци меѓу вкупно 104 вработени во училиштето во Јанја. Како професор по исламска веронаука има автономија да зборува. Директорката на училиштето Милица Перковиќ и останатите вработени за тоа немаа овластување од надлежното министерство.
Баќевац се сеќава на спроведувањето на Договорот под надзор на Мисијата ОБСЕ во БиХ. Имаше отпори, изневерени ветувања, но и бојкот на настава. Денес е сѐ поинаку и Јанја е позитивен пример за „едно училиште со 2 училишни програми“.
„Ние тука функционираме како едно училиште. Потполно колегијално функционираат наставниците на националната група предмети со своите колеги кои предаваат по планот и програмата на РС. Апсолутно никакви проблеми нема. И понатаму има мешани одделенија. Кога ги имаат овие предмети, децата одат само во различни кабинети, а потоа повторно се дружат на останатите предмети кои не спаѓаат во националната група на предмети. Така, навистина можеме да се пофалиме дека имаме еден толерантен однос“, истакнува Баќевац.

Schule in Bosnien
Самир БаќевацФотографија: DW/Emir Musli

Да се почитуваат одредбите на Привремниот договор

Ставот на Мисијата ОБСЕво БиХ е дека треба да се почитуваат одредбите на Привремениот договор. Даница Пелемиш-Суботиќ, службеничка за односи со јавноста при тузланската канцеларија на Мисијата на ОБСЕ, потврдува дека за образованието во БиХ сѐ уште нема конечно ниту подобро решение од Привремениот договор. Вели дека, освен во Јанја, има уште многу позитивни примери на привремено решение кои траат веќе со години.
„Во образованието се потребни пари и секаде би било најдобро образованието да има многу повеќе пари отколку што ние моментално имаме. Но, мислам дека, покрај пари, доволна е и добра волја. Во Јанја, да речеме, имаше добра волја да им се излезе пресрет на децата, во суштина, децата се најважни. И мислам дека и ОБСЕ, когаго иницираше потпишувањето на овој привремен договор, мислеше само на тие деца“, вели Пелемиш-Суботиќ.