Во БиХ се буди граѓанска свест
13 јуни 2013Во Босна и Херцеговина изминатите десетина денови се случуваше она од што политичките елити во таа земја стравуваа уште од Дејтон. Граѓани од различна националност се обединија во борбата за своите права, барајќи на протести итно донесување на законот за единствен матичен број.
Колку и да беше мала, поддршката на граѓаните од Бања Лука за сараевчани ја ужасна националистичката врхушка на Република Српска, тврдат аналитичарите, појаснувајќи дека таквата поддршка ги поткопува клучните принципи на поделба по етничка и верска основа и ги разбива заблудите за неможност од заеднички живот во земјата.
Политичката аналитичарка од Бања Лука, Тања Топиќ, потсетува дека станува збор за класична етно-национална мантра, според која функционираат тамошните политички елити. „И тоа настојуваат да покажат дека јавноста е поделена на српска, хрватска и бошњачка и дека може да функционира само во рамки на зададени национални норми“, вели Тања Топиќ.
Избегнување политизација и поделби по етничка основа
Загрижена е и политичката елита во Федерацијата БиХ, која поддржувајќи ги барањата на сараевските демонстранти сега сака да се ослободи од погубните политички аранжмани склопени во процесот на воспоставување на власта по изборите во 2010 година.
Политичкиот аналитичар Срѓан Пухало верува дека аполитичните граѓански демонстрации можат позитивно да влијаат врз општествените промени во БиХ. Според негово мислење, граѓаните мора подобро „да се вмрежат и организираат“ за при протести да се врши порамномерен притисок на цела територија на БиХ. „Притоа, колку што е можно повеќе треба да се избегнуваат какви било поделби по етничка основа“, тврди Пухало.
Меѓутоа, БиХ се‘ уште е поделено општество, во кое различните национални интереси се спротивставени на заедничкото граѓанско дејствување на ниво на цела држава. Уредникот на порталот Бука, Александар Трифуновиќ, вели дека не треба да постои илузија оти таквата состојба би можела да се смени преку ноќ.
„Но, единствениот матичен број се однесува на сите нас и тука е потребно заедничко дејствување. Тоа е добро се‘ додека не се политизира, додека не претставува собирање политички поени за некоја политичка опција. Тоа покажува дека граѓаните имаат елементарно достоинство да се борат за она што им припаѓа“, вели Трифуновиќ.
Сараевските и бањалучките демонстрации покажаа дека граѓаните можат да влијаат врз донесување одлуки во институциите на власта. Дарко Бркан од здружението на граѓани „Зошто не“ потсетува дека под притисок на протестите е донесена привремената одлука за единствен матичен број. „Важно е дека граѓаните научија дека на овој начин може нешто да се направи и дека тоа, во вакви околности, е веројатно единствен начин да се дојде до резултати“, вели Бркан.
Меч со две острици
Сараевскиот професор Здравко Гребо смета дека по децении летаргија, протестите се прв знак на будење на граѓанската свест во БиХ. „Успехот на акцијата на луѓето што беше организирана во Сараево буди надеж дека ќе бидат покренати масовни акции и протести можеби и за други, можеби глобално значајни прашања“, изјави Гребо за Федералната телевизија.
Но аналитичарите стравуваат дека демонстрациите би можеле да бидат искористени и за продлабочување на политичката криза во БиХ и за натамошна изолација на земјата. Тие потсетуваат дека српските и хрватските претставници во институциите на БиХ, под изговор дека Сараево не е сигурен град, веќе најавија дека нема да доаѓаат на седниците на Советот на министри, што би можело да предизвика нова блокада на работата на државните институции.