1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во БиХ не мириса на добро

27 јануари 2010

По петнаесетгодишни интензивни меѓународни напори, БиХ се распаѓа. Босанските Срби се закануваат со референдум за независност, Хрватите бараат засебна федерална држава, додека босанските муслимани бараат нов устав.

https://p.dw.com/p/Lh6s
Фотографија: dpa

„Ова е досега најважниот предизвик за Дејтонскиот договор, кој беше склучен во 1995 година и со кој се стави крај на војната во земјата и донесе нов устав. Денес секој Босанец е чувствителен и смета дека е неправедно дискриминиран и овој впечаток на прогонување ги води сите вмешани во ѓаволскиот круг на ескалација на конфликтот. Сето ова не мириса на добро. Политичарите би можеле да ја изгубат контролата врз народот. Значи, уште поголема радикализација на реториката може да предизвика катастрофални последици“, пишува „Тагесшпигел“.

„Лидерите на Република Српска мора да разберат дека нивните радикални изјави ги засенуваат евентуално постоечките вистински аргументи и влеваат оправдан страв кај локалните и меѓународните шефови на држави. Како политичарите, така и населението на Република Српска со сигурност скапо ќе платат за нивното постојано влошување на односите со меѓународната заедница. Само во рамките на легалните и територијални граници на Босна и Херцеговина ќе можат да имаат толкава автономија и реална перспектива за подобра иднина во евроатлантското семејство.“

Понатаму во коментарот се вели:

Kalenderblatt Der Tagesspiegel
„Тагесшпигел“ со опширен коментар на состојбата во БиХФотографија: AP

„Бошњаците, пак, мора да разберат дека предизвикуваат грижа и стравови кај останатите националности, кога како најголема етничка група во земјата ги губат своите добрососедски манири во политиката и никогаш не им даваат право на глас на соседите. Ако Бошњаците сакаат подобра иднина, треба да престанат да изигруваат вистински жртви и наместо тоа треба да почнат да ги земаат предвид грижите и на другите заедници во земјата.

Што се однесува до босанските Хрвати, тие можат да ги одбранат своите национални интереси само преку преговори и компромиси. Едностраното прогласување на трета засебна федерална единка ќе и` донесе само уште поголемо маргинализирање и уште повеќе маки на се` помалата хрватска заедница.“

Меѓутоа, авторот на коментарот се осврнува и на задачите што ги има и меѓународната заедница и нејзиниот висок претставник. Тие треба да настапуваат претпазливо, пишува „Тагесшпигел“ и додава:

„Високиот претставник не прави разлика меѓу нападите кон него и нападите кон државата, за него тоа е едно исто. Меѓутоа, на тој начин бирото ризикува се` да однесе во пропаст, и себеси и државата. Меѓународната заедница мора да го прифати фактот дека мандатот на високиот претставник, и покрај целиот легитимитет што го има, одамна го пречекори датумот на кој требаше да замине и мора да го направи тоа. Европската унија, со силна поддршка од САД, мора на Босанците да им даде цврста гаранција дека нивната обедината, но децентрализирана држава ќе преживее и ќе го заземе своето место во европското семејство.“

Автор: „Тагесшпигел“

Превод: Трајче Тосев

Редактор:Жана Ацеска