1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Австрија се живее поевтино отколку во Словачка

Данко Хандрик/ Александра Трајковска 4 август 2013

Голем број Словаци од Братислава бараат евтино место за живеење. Тоа ги води дури и од другата страна на границата, во соседна Австрија. Идиличното Китзее е се' поатрактивно за нив.

https://p.dw.com/p/199Va
Фотографија: picture-alliance/Arco/DW

Хелена Бакалјарова е во бегство. Таа бега од високите цени во нејзината татковина. Секојдневно од Словачка патува во, за неа, евтината Австрија.

По завршување на работното време патува само десет минути, од центарот на Братислава до идиличното Китзее. Овде таа можеше да си дозволи куќичка во зеленило, едно евро овде некако вреди повеќе.

„Овде одеднаш се доселија толку многу луѓе, многу Словаци. Ова место е многу атрактивно за нас Словаците, бидејќи е блиску до Братислава. Таму тие имаат работа, но парите едноставно не стигнуваат ниту за стан, а за куќа во Словачка да не зборуваме, пред се' во Братислава. Во Братислава земјиштето, но и становите, се многу скапи“, вели Бакалјарова.

Китзее инвестира во инфраструктурата

Така Китзее, место кое некои пред 1989 година го означуваа како крајот на Европа, расте. Тие се подбиваа: дури и чавките тука застанувале пред железната завеса и летале назад.

Сега овде има градежен бум - стотици Словаци градат куќи.

1800 Австријци живеат куќа до куќа со 700 Словаци. Тоа е тема на местата каде Австријците отворено зборуваат: кога одат на пиво или на фризер.

„Немаме ништо против луѓето, но сето ова е премногу, според мое мислење. Со оглед на тоа што живееме на село, овде се' станува поголемо. Дали го сакаме тоа не сум сосема сигурна“, вели фризерката Михаела Селјански од Китзее.

Само Ервин Келерер со задоволство се вози со велосипедот низ новото Китзее. Разнесувачот на весници се гледа како добитник од ситуацијата. Тој сега заработува повеќе пари.

Slowakei EU Fahne
Фотографија: MM/Fotolia

„Општината речиси двојно се зголеми во последните години, од 1992 до 2013“. Не сте среќни поради тоа? „Јас сум, со оглед на Утринскиот весник. Започнав со 160, сега имам 420. Тројно го зголемив бројот“, вели Келерер.

Промената се чувствува насекаде. Исто како и самото место, преполна е и детската градинка. 80 проценти од децата доаѓаат од Словачка.

За разлика од возрасните, кај децата нема јазични бариери.

„Има колешки, кои се разбира одат на курс по словачки. Тие се обидуваат да ги разберат децата. Инаку, на почеток се разбираме само со мимика, гестови - ние секогаш ги имаме и поголемите деца, кои не‘ поддржуваат и во секој момент можеме да ги викнеме да преведат“, вели негувателка во детската градинка на Китзее Клара Вент.

А доаѓаат се' повеќе мали Словаци, така што општината сега инвестира наголемо. Дури и во нова голема детска градинка.

Стопанството веќе е чекор понапред: На зелената полјана никна огромен трговски центар, така што патот од Словачка до Австрија се исплаќа дури и само за тоалетна хартија и паста за заби.

„Разликата изнесува околу 30 проценти“; „Не е само цената, значи не само што е поевтино - и квалитетот овде е сосема поинаков, подобар“, велат граѓаните.

Патувањето од малото Китзее до Братислава трае само 5 минути. Братислава се смета за град во Источна Европа кој доживува бум. Тој расте и е преполн.

NO FLASH Slowakei Blick auf Bratislava Stadtansicht Panorama
Животот во Братислава е скапФотографија: picture-alliance / Uwe Gerig

Евтин мал стан во некогашните социјалистички градби во меѓувреме чини 130 илјади евра. Во оваа населба далеку над 200.000, пред десет години чинеше само половина од оваа цена.

Од работ во срцето на Европа

Семејството Дворшки како да седи малку на спакувани куфери. Дозволата за градба за Китзее е издадена - наскоро малиот Михаел ќе расте во Австрија.

„Од Австрија многу побрзо се стигнува во градот, оттаму помалку луѓе патуваат во центар на работа. Значи, многу работи зборуваат во прилог на тоа“, истакнува Франтишек Дворшки.

Братислава е главен град на Словачка, но луѓето овде живеат како на друга планета. Тие заработуваат многу повеќе октолку што е вообичаено на други места во земјата. Пред се' компјутерските фирми ги качуваат платите во, за остатокот на земјата, галактички висини.

„Според бројките на Евростат, Братислава е попродуктивна од Прага или Виена. Така што и цените на платите и цените на недвижностите се далеку над просекот во земјата. Сосема едноставно - Братислава не е Словачка. И заинтересираноста на жителите на Братислава за недвижности зад границата само го потврдува ова“, истакнува Владимир Вано, Министерство за финансии на Словачка.

Хелена Бакалјарова во Китзее бара разбирање. Таа сака да им ги намали стравот на тамошните жители. Нејзиното кредо гласи: доселувањето оттаму покажува - Китзее од заспаниот раб на железната завеса се помести во пулсирачкото срце на Европа.