1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Власта подгрева атмосфера на линч и „лисици“ за Заев!

Катерина Блажевска8 април 2015

Граѓанската петиција за прогласување на Заев за велепредавник води кон улично делење правда и немири, а нејзин предводник е Груевски, уверени се опонентите на владините политики.

https://p.dw.com/p/1F3xU
Фотографија: picture-alliance/dpa/N: Batev

Национален предавник, издавач на државна тајна, велепредавник кој мора да биде уапсен... Ова се само дел од епитетите за лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев, кои кулминираа деновиве, откако Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ) своите трибини по општините низ Македонија ги надгради и со петиција за прогласување на Заев за велепредавник, кој треба да биде уапсен. Комуниколози забележуваат дека во јавниот говор се повеќе доминира атмосфера на линч, a политиколози се уверени дека нема да се случи апсење на лидерот на опозицијата, бидејќи тоа би бил најризичен чекор за власта во сегашната длабока политичка криза. Провладините медиуми, пак, во континуитет им даваат огромен простор на ставовите на ГДОМ, кое е еден од главните „носачи на звук“ за прогласувањето на Заев за велепредавник.

И покрај тоа, драматургот Братислав Димитров, еден од предводниците на ова движење, тврди дека петицијата не е насочена исклучиво против лидерот на СДСМ.

„Петицијата не е против Заев, туку против секој што ги руши основите на демократското општество и важечките закони на државата. Петицијата има за цел да го изостри демократскиот рефлекс и чувството на еднаквост кај сите граѓани. Сакаме да ја демистифицираме лагата и манипулацијата дека некој може, а некој не може да биде уапсен. Во Уставот убаво и прецизно пишува дека сите сме еднакви пред законите“, објаснува Димитров.

Тој не се согласува дека преку ваквата петиција на ГДОМ заговара вонправни постапки, кои не се во корелација со принципот на презумпција на невиност, докази и судска постапка.

„Напротив! ГДОМ се залага за активно, брзо и принципиелно реагирање на институциите на правната држава. Не може правен проблем да се решава со политички средства и обратно. Не може преку нелегално снимени приватни разговори некој да се прогласи за било што. Повеќето од пуштените разговори се романтична конверзација кога ќе се споредат со изјавите на 'пуштачот' кој изјави: 'Мора да го свиткаме рбетот', 'Ќе јадеме живи луѓе', 'Ќе отпуштаме од кафекуварки до директори'... Крајно време е некој да и соопшти на опозицијата дека не живееме во еднопартиски систем и дека вербалниот деликт е укинат. Секаде во светот, луѓето (и партиите) се вреднуваат според нивните дела, а не според трач разговорите во разни опуштени или стресни ситуации. Овој преседан не смее да се дозволи затоа што може да се повтори во иднина исто како во 2001 година!“, тврди Димитров.

Препознатлив „печатот“ на Груевски

Медиумите во регионот кои известуваат за опозициските „бомби“, мотивите за ваквите петиции ги ставаат токму во корелација со говорите и обвинувањата од Груевски. Под наслов „Провладини структури во Скопје бараат апсење на Заев“, бугарската новинска агенција БГНЕС објави дека провладини медиуми почнале атак против Заев, објавувајќи дека 'граѓаните масовно се потпишуваат под барањето тој да биде уапсен, бидејќи извршил национално предавство'.

„Петицијата е организирана од ГДОМ, во која членуват најгласните пропагандисти на Груевски. Еден од нив е Миленко Неделковски, кој дури побара институциите да не молчат и веднаш да го уапсат Заев. БГНЕС потсетува, дека во неделата во градот Тетово на митинг организиран од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски го обвини Заев за 'национално предавство'“, се вели во информацијата на бугарската новинска агенција.

Владимир Лазаревиќ од т.н. „амстердамската тројка“, кој заедно со уште двајца поранешни владини функционери Никола Димитров и Перо Димшоски се залага за „револуција на совеста“, за промени и за враќање на ВМРО-ДПМНЕ на изворната програма и моралните вредности, нема никаква дилема дека зад ваквите „естрадни активности“ со петицијата стои лично Груевски.

„Никој не треба да има дилема дека предводникот на овие негативни процеси е лично Никола Груевски. Тоа за мене и за многумина како мене е веќе целосно јасно. Се разбира, секогаш постојат полтрони кои сакаат да се докажат и без да бара Груевски. Точно се знае кон што води ова улично делење на правда: кон немири, кон продолжување на политиката на страв, на терор која е мејнстрим идеја во изминатите години. Груевски и другарите многу добро разбраа дека кога народот е уплашен, тие може вечно да владеат. Тука многу му помогна и ликот и (не)делото на Сашо Мијалков, чие име до пред два месеци не смееше да се спомне, а денес сите светски медиуми пишуваат дека е вовлечен во невидени криминални шеми, додека луѓето се згрозуваат од начинот на кој тој се изживува со човечките судбини“.

Според Лазаревиќ, петицијата против Заев целосно го покажува диктаторското лице на власта кое не бира средства со цел да го оцрни политичкиот противник.

„Од кога тоа со потписи се покренува обвинение против некого? Ова само ја потврдува тезата дека Груевски и другарите во изминатите девет години континуирано настојуваат ненормалното да го прикажат како нормално. Тие целосно ја искривоколчуваат вистината и макотрпно работат да го заведат македонскиот народ во погрешна насока. Работат на тоа да прикажат дека опозицијата е непријател на народот, играат на картата на националнизам, на квазипатриотизам, на поделба по сите основи. Тоа е погубно за Македонија и нема да го дозволиме тоа да продолжи. Нашиот ангажман ќе биде насочен целосно кон ресетирање на политичкиот процес, прочистување на политичката мисла и искоренување на криминалот. Основа не сите демократски процеси е разговор со опозицијата. Тоа е нормално, а ненормално е бркање на опозицијата од парламентот, нејзино сатанизирање, отсуство на политичка дебата, како и серија други процеси кои ги воведе Груевски и се пораз на демократијата“, дециден е Лазаревиќ.

Наместо заштита, „свиркачот“ на бришан простор

И поранешниот генерал и лидер на партијата „Достоинство“, Стојанче Ангелов, во петицијата против Заев гледа уште еден од низата обиди за раздор меѓу Македонците, како и одвлекување на нивното внимание од доказите што против власта ги објавува опозицијата.

„Иницијативата е една од многуте пропагандни спинови на потесното раководството на ВМРО-ДПМНЕ, со кое се обидува да го одвлече вниманието на јавноста и да го насочи гневот на граѓаните кон лидерот на опозицијата. Но верувам дека и на последниот граѓанин кој ќе се потпише на таа иницијатива му е јасно што се случува во државата“, уверен е Ангелов.

Kombobild Zoran Zaev und Nikola Gruevski

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, не е е изненаден од ваквите активности. Во нив препознава обид да се спаси врвот на ВМРО-ДПМНЕ со тоа што ги турка граѓаните во кривични дела.

„Неколку поединци кои се обидуваат да ја заштитат својата кожа, ги туркаат граѓаните во кривично дело - лажно пријавување, преку ставање потпис на петиција. На овој начин ги прават свои соученици и уште повеќе придонесуваат за поделбите во македонското општество. Кога веќе власта не се осудува да поднесе кривична пријава за велепредавство, тие поединци кои ги мотивирала да се потпишат треба да знаат дека секој потпис на петицијата исто така е доказ во право формална постапка за лажно пријавување, кое е кривично дело“, вели Заев.

Со обелоденувањето на прислушуваните разговори, во кои, според Заев, има бројни докази за криминал на власта, лидерот на СДСМ има улога на whistleblowers („свиркач“) кој треба да биде заштитен од надлежните институции, а информациите доставени од него да бидат сериозно испитани од Јавното обвинителство. Но, од СДСМ тврдат дека засега не е така. Според портпаролот на партијата, Петре Шилегов, „малку повеќе е спорно поведението на Јавното обвинителство“.

„Имајќи предвид дека од поднесување на првата кривична пријава, односно од обелоденувањето на скандалот за прислушувањето се поминати повеќе од два месеци, колку што ни е познато, никој од пријавените над 30 лица досега не е ниту повикан да даде каков било исказ или изјава пред Јавното обвинителство. Од друга страна, брзањето со светлосна брзина во предметот „Пуч“ дефинитивно го спори легитимитетот и поведението на Јавното обвинителство“, вели Шилегов.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи