1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владина изјава на Меркел за нападот во Авганистан

8 септември 2009

Четири дена по воздушниот напад на НАТО врз две цистерни со бензин во Авганистан, извршен на барање на германскиот Бундесвер, германската канцеларка Ангела Меркел во Бундестагот вети целосно разјаснување на случајот.

https://p.dw.com/p/JWYb
Канцеларката Меркел во БундестаготФотографија: picture alliance/dpa

Канцеларката поднесе владина изјава за политиката кон Авганистан, по притисокот на опозицијата и особено острите критики на сметка на министерот за одбрана Франц Јозеф Јунг за напдот на НАТО во Авганистан.

Во речиси петнаесетминутниот говор пред пратениците, канцеларката Ангела Меркел индиректно призна дека во нападот има и цивилни жртви. Слично се изјасни и министерот за одбрана Франц Јозеф Јунг. Според наводите на Министерството за одбрана, во нападот загинале 56 лица. Непотврдени извори велат дека има повеќе од сто жртви.

Bundeskanzlerin Angela Merkel und Frank-Walter Steinmeier
Канцеларката и министерот за надворешни работиФотографија: picture-alliance/ dpa

„Голем број луѓе го загубија животот, за последиците, особено за цивилни жртви, има противречни извештаи. Не е можно случајот да се расчисти од денес до утре“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел. Таа индиректно спомена постоење цивилни жртви, на роднините на евентуално загинатите цивили им изрази сочувство. „Ние жалиме за секој загинат. Секој невино загинат е непотребна жртва. Сочувствуваме со роднините на оние кои загинале поради акција на Германците, особено ми е важно да го истакнам ова одовде, а тоа да го чуе и авганистанскиот народ.“

Истовремено, Меркел на невообичаено остар начин ја отфрли меѓународната критика на сметка на одлуката на Бундесверот. Таа се залага никој да не биде поштеден, но не трпи предвремено просудување, како дома така и во странство. За оваа изјава Меркел, доби силен аплауз.

Таа, исто како и германскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајнмајер, не гледа алтернатива за ангажманот на германските војници во Авганистан, зашто тоа го диктира неопходноста од борба против тероризмот во светот.

Германската армија не е окупаторска

Bundeswehr in Kundus Afghanistan nach Anschlag
Бундесверот во КундусФотографија: AP

Штајнмајер нагласи дека германската армија не е окупаторска и затоа нема вечно да остане во Авганистан, но одлуката за ангажман во оваа земја не беше донесена на препад, а нема така да биде донесена ниту одлуката за повлекување.

Ангела Меркел укажа на иницираната конференција за Авганистан, на иницијатива на Германија, Велика Британија и Франција. Таа треба да даде одговор за ангажманот на странските трупи и за моќноста на домашните безбедносни сили да ја преземат одговорноста во свои раце.

Опозицијата со остри критики

Jung 060909 Kopie.jpg
Јунг под силна притисокФотографија: AP

Шефот на либералите Гидо Вестервеле ја критикуваше политиката на информирање на владата, која во овој случај придонесе повеќе за конфузија отколку за разјаснување, смета тој.

Силна критика кон германскиот министер за одбрана Франц Јозеф Јунг дојде од партијата на Зелените. Шефот на пратеничката група Јирген Тритин изјави: „Во основа, работите течат вака: прикривање, негирање и кога веќе не оди поинаку, извинување за она што порано го одрекувавте. Јунг е товар за германската политика кон Авганистан“, рече Тритин.

Оскар Лафонтен, шефот на пратеничката група на левите, со уште поостра оценка, политиката на владата кон Авганистан е неуспешна и Бундесверот треба да биде повлечен.

Автор: ЖА/ЕМФ/ дв/дпа

Редактор: Александра Трајковска