Владата на Тереза Меј еродира
9 ноември 2017Британската премиерка Тереза Меј за само една недела загуби двајца членови на кабинетот. Министерката за меѓународен развој Прити Пател даде оставка откако врз себе навлече критики поради тоа што 12 пати се сретнала со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и други политичари во Израел, без притоа да ја извести премиерката за средбите.
Меј прво јавно ја опомена министерката за развој, но не ѝ „даде отказ“. Но, Пател потоа се заплетка со изјавите околу тоа кога министерот за надворешни работи Борис Џонсон дознал за средбата на која таа разговарала за можностите за британска помош при медицинското згрижување на сириските бегалци на Голанската висорамнина, која е окупирана од страна на Израел. Министерката во Лондон исто така премолчела и дека помошта би опфаќала и финансирање на израелската армија, која требало да овозможи снабдување на бегалците.
Велика Британија ја смета Голанската висорамнина за окупирано подрачје, поради што не доаѓа предвид финансирање на израелските безбедносни сили во тој регион. Пател со писмо ѝ се извини на Меј за своето однесување, но оставката беше неизбежна.
Минатата недела британскиот министер за одбрана Мајкл Фалон исто така мораше да си замине од функцијата. Тој беше соочен со обвинувања за сексуално вознемирување. Во кабинетот се нишаат фотелјите и на други министри. Заменикот на Меј, Демиен Грин, е исто така конфронтиран со обвинувања за вознемирување, а министерот за надворешни работи Џонсон е мета на критики поради изјави кои, како што оценуваат роднините, би можеле да имаат тешки последици за една Британка затворена во Иран.