1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вкусот на среќните денови

Фарук Шабановиќ / Елизабета М. Фиданоска6 април 2014

Фирмата на семејството Нешиќ во Германија е еден од најзначајните увозници на производи од поранешна Југославија. Нивната животна приказна е драматична и инспиративна. На патот на успехот е потребно знаење и истрајност.

https://p.dw.com/p/1BcrY
Фотографија: DW/Faruk Sabanovic

Во предвоената Босна и Херцеговина, односно социјалистичка Југославија, семејството Нешиќ живеело како перспективна и среќна мала заедница. Елмира и Милан дипломирале во ист ден на Економскиот факултет во Осијек. Засновале семејство и живееле во Добој. Елмира работела како економист во хемиски комбинат, а Милан како заменик директор на најголемото трговско претпријатие во тој крај „Избор“. Во 1989 година Милан ја основа приватната фирма „Ханекс“, која тргувала со стока произведена од Вардар до Триглав, но и со увозна стока. Сѐ личело на среќна приказна, но преку ноќ сѐ се променило.

Од директор до работник на градилиште

Вестите од медиумите и големите, често злокобни ветувања на разбудените и со историја и национализам збудалени политички елити, внесувале немир во средениот, динамичен живот на семејството Нешиќ. Милан, за да ги однесе бремената сопруга и двете деца на посигурно, носи одлука семејството да отпатува на неколку дена во викендичката на црногорското приморје. Таму не било подобро. Требало да се продолжи натаму. Наредна дестинација им била Словенија, во која Милан имал добри врски и деловни партнери. Од Босна и Херцеговина стигнувале сѐ полоши вести. Затоа семејството оди кај роднините во германското гратче Падерборн.

Времето минувало, визи добивале за само неколку месеци, чекањето било неподносливо. Во татковината и натаму беснеела војна, а парите кои ги имале со себе, станале недоволни за живеење. „Тоа беше тешко време за целото семејство. Во ноември 1992 година ни се роди третиот син, Дино. Дојдовме овде, не го знаевме јазикот и тоа навистина беше целосно губење на личноста. Во Добој нешто работевме и вредевме, а овде сето тоа го снема“, се сеќава Милан.

Geschäftsleute aus Bosnien und Hezegowina in Deutschland
Милан и Елмира НешиќФотографија: DW/Faruk Sabanovic

Без познавање на јазикот и призната стручна квалификација, патот бил трасиран и водел до „лебот со седум корки“ на германските градилишта.

Од сопственик на подвижна скара до увозник

Војната конечно завршила, но разурнатата и уништена татковина за семејството веќе не била место на кое може да се вратат, да почнат некој ново-стар живот и на децата да им се обезбеди подобра иднина. Германија станала примарна. Родителите учеле јазик паралелно со работата на градилиштата и воспитанието на децата. Откако стекнале дозвола за престој, Милан покренал самостојна дејност - печел пилиња на подвижна скара. Напорна работа, но и тоа како полесна и поисплатлива од дотогашната работа.

Десет години по доаѓањето во Германија, Елмира и Милан повторно стануваат сопственици на приватна фирма. Отвораат претпријатие со исто име како тоа во Добој. Новиот „Ханекс“ е увозно-извозна фирма. Намерата им била во Германија да увезуваат брендирани и квалитетни производи од просторите на поранешна Југославија.

Почетокот, како и секој почеток, бил тежок. Прво во фирмата работат само членовите на семејството и секој работел сѐ - товарање, транспорт, продажба и административни работи.

„Се работеше по 20 часа на ден. Се радувавме на секој успех, а имаше и доста тешки моменти и неуспеси. Им нудевме стока на трговците во етно-продавниците, чии сопственици беа главно Турци, луѓе од поранешна Југославија и Руси“, вели Елмира.

„Поради воените судири, во тоа време луѓето беа полни со предрасуди и стоката се купуваше главно ‘патриотски‘. Ни требаше многу време, енергија, но и пари за да се разбијат тие предрасуди. На крајот сепак имавме доста успех“, се сеќава Милан.

Geschäftsleute aus Bosnien und Hezegowina in Deutschland
За развивање на бизнисот биле потребни 10 годиниФотографија: DW/Faruk Sabanovic

Германски закони и балканска деловност

Целата стока која ја увезуваат мора да ги задоволи не малите критериуми на германскиот пазар и важечките закони. Тоа биле прионерски обиди за извоз на стока од БиХ, Хрватска и Србија. За да имаат што помалку проблеми со увозот, се одлучувале само за проверени марки и квалитет.

„Сакавме да увезуваме само квалитетна стока и она што некогаш беше добро. Тоа, може да се каже, беа производите со вкус на среќните денови и она што беше заедничко за сите граѓани на бившата држава“, вели Милан.

За развивање на бизнисот биле потребни 10 години. Денес „Ханекс“ е сериозна и почитувана фирма која застапува и дистрибуира околу 600 производи од земјите на поранешна Југославија. Освен во т.н. енто-продавници, фирмата е присутна со стока и во поголемиот дел супермаркети во Германија, а со трговскиот ланец „Реал“ минатата година е потпишан договор за влез во над 180 негови маркети. Прехранбените артикли се извезуваат и во Шведска, Франција, Швајцарија, Австрија, Данска, Ирска, Велика Британија и Белгија.

Geschäftsleute aus Bosnien und Hezegowina in Deutschland
Фирмата „Ханекс“ денес е респектирана и успешна во ГерманијаФотографија: DW/Faruk Sabanovic

Босанските фирми и институции не ја користат шансата

„Германците многу позитивно реагираат на нашата стока. Сепак, овде конкуренцијата е немилосрдна, а фирмите од нашите краеви не се прилагодуваат на таа трка на пазарот. Квалитетот на производите главно е добар, но цените не се конкурентни, а пазарот е таков што цените мора да бидат ниски“, објансува Милан.

Производителите во БиХ и соседните земји се трудат да ги стигнат европските стандарди во квалитет и најголемата предност е во производство на еколошка храна. Меѓутоа, во индустријата во регионот на Западен Балкан, како што велат, мора да се направи многу. Прво, мора да се зголеми производството за на тој начин да се намали цената на производите. Маркетиншкиот настап треба значително да се подобри. Фирмите често со промената на сопственикот ја менуваат и деловната стратегија и филозофија, што прилично лошо делува на континуитетот на соработката, зашто за германскиот пазар и поголемите трговски ланци еднаш понудената стока мора да се испорачува континуирано. Во спротивно, испаѓате од трка, потенцира Милан Нешиќ.