1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ветер од БиХ, пари од Германија

15 октомври 2009

Германија ќе и`помогне на БиХ да го развие својот енергетски сектор и да ги подобри еколошките стандарди со помош вредна 60 милиони евра. Помошта ќе биде употребена за изградба на првиот парк на ветерници.

https://p.dw.com/p/K5O8
Енергетскиот сектор на БиХ треба да им се приближи на европските стандардиФотографија: AP

Германија со години ги поддржува енергетските проекти во Босна и Херцеговина, што покрај отворањето на нови работни места ја подобрува и финансиската ситуација во оваа земја. Со потпишувањето на Договорот за финансиска соработка, исполнет е предусловот за исплата на средствата од страна на Германската развојна банка.

„Од тие 60 милиони евра еден лавовски дел, значи 46 милиони евра, е наменет за нашиот заеднички голем потфат - развојот на првиот парк со ветерници во БиХ. На Германија и` лежи на срце да ги поттикнува енергетските извори кои имаат за цел заштита на животната средина. Токму во областа на хидроенергијата и енергијата од ветрот ние располагаме со големо искуство. Овие проекти би требало да овозможат со помош на обновливата енергија да се зголеми енергетската сигурност во БиХ, а со самото тоа и да се задржи стабилноста во поглед на емисијата на штетни гасови, и истовремено да се дадат важни импулси за развојот на економијата“, порачува амбасадорот на Германија во БиХ, Јоаким Шмит.

Германија не помага само финансиски

Gasstreit In Serbien heizen die Menschen wieder mit Holz
На Германија и`лежи на срце заштитата на животната срединаФотографија: AP

Средства во вредност од 14 милиони евра се наменети за проектот за подобрување на инфраструктурата и згрижување на отпадните води во општината Бања Лука. За ефектите на германската поддршка на теренот говори градоначалникот на Бања Лука, Драгољуб Давидовиќ: „Ова најдиректно ќе придонесе за подобрување на системот на водоснабдување за околу 120 илјади жители, а што се однесува до системот за одвод на отпадните води, тоа ќе има голем придонес за заштитата на изворите од кои се зема вода за градот Бања Лука“, вели градоначалникот Давидовиќ.

Во изминатите години Германија обезбеди над 200 милиони евра за развој на босанскиот енергетски сектор. Но, поддршката на Германија, вели министерот за финансии на БиХ Драган Вранкиќ, не е изразена само од финансиски аспект. Германија помага и во прилагодување на институциите во БиХ на стандардите на Европската унија како и за пристапот на БиХ во заедницата на европски народи.

Автор: Самир Хусеиновиќ / Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска