1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вереницата на Клуни одби да биде дел од комисијата на ОН за Газа

Александар Методијев/миа/дпа12 август 2014

ОН формираа комисија за истрага за можни воени злосторства во Газа. Тричлената меѓународна експертска комисија треба да спроведе истрага за можни кршења на човековите права и за воени злосторства во Појасот Газа.

https://p.dw.com/p/1Csrw
Фотографија: JUSTIN TALLIS/AFP/Getty Images

Комисијата треба да ги испитува можните злосторства извршени од двете страни за време на израелската воена офанзива во Газа. Комисијата ќе биде предводена од канадскиот професор по меѓународно право, Вилијам Шабас, а дел од неа е и експертот-ветеран на ОН за човекови права Дуду Диене од Сенегал. ОН информираа дека третиот член на тимот е Амала Аламудин, британска адвокатка со либанско потекло и вереница на холивудскиот актер Џорџ Клуни.

Преку портпаролот на актерот таа објави дека нема да биде дел од оваа комисија. На неа и’ била понудена таквата задача, но не можела да ја прифати поради други обврски.

„Ужасната сум од ситуацијата во окупираниот Појас Газа, посебно од цивилните жртви што беа направени и силно верувам дека треба да има независна истрага и одговорност за злосторствата што беа направени“, стои во изјавата на адвокатката Аламудин.

Претставништвото на ОН во Женева не можеше да даде објаснување зошто беше објавено нејзиното име, кога таа не ја прифатила задачата. Нема информација ниту кој ќе биде третиот член на тимот.

UN Flagge vor dem Hauptquartier der UN in New York
Фотографија: CC/USAID

ОН соопштија дека независниот тим ќе треба да ги истражи „сите кршења на меѓународното хуманитарно право и меѓународниот закон за човекови права за време на воените операции што започнаа на 13 јуни 2014 година“.

Во едномесечниот конфликт, за време на кој беа извршени голем број израелски воздушни напади врз Газа и беа истрелани стотици ракети на Хамас кон Израел, загинаа 1.938 Палестинци и 67 Израелци, а беа разурнати голем број објекти во густо населените делови на Појасот.

Договорено е комисијата да поднесе извештај до Советот за човекови права на ОН до март следната година.