1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почна „летото на незадоволство“ во Велика Британија?

СН/агенции
21 јуни 2022

Во Обединетото кралство денеска започна најголемиот штрајк на железницата во последните 30 години. Повеќе од 40 илјади железничари треба да се приклучат кон протестот и со тоа да блокираат половина од железничките линии.

https://p.dw.com/p/4CzaW
Големи редици пред железничките станици во Велика Британија
Големи редици пред железничките станици во Велика БританијаФотографија: Vuk Valcic/ZUMA/dpa/picture alliance

Најголемиот штрајк на железниците во последните 30 години во Велика Британија започна денеска, кога десетици илјади работници ги напуштија работните места поради спорот околу платите, условите за работа и работните места.

Овој штрајк би можел да биде почеток за натамошни акции во индустријата, но и во целокупната економија во наредните месеци.

Штрајкот започна рано утринава, а се очекува дека во него ќе учествуваат над 40.000 работници кои, како што е најавено, би требало да штрајкуваат во вторник, четврток и во сабота, што ќе доведе до застој на железничката мрежа. Поради одвоен штрајк затворена е и лондонската подземна железница.

Поради посебен штрајк денеска не функционира ниту подземната железница во Лондон
Поради посебен штрајк денеска не функционира ниту подземната железница во ЛондонФотографија: Vuk Valcic/ZUMA/dpa/picture alliance

Премиерот Борис Џонсон, кој е под притисок да направи што е можно повеќе за да им помогне на граѓаните во соочување со најтешката економска криза во последните децении, вели дека индустриската акција дополнително ќе го забави опоравувањето на претпријатијата од кризата предизвикана поради пандемијата.

Синдикатите најавија дека штрајкот на железничарите би можел да го означи почетокот на „летото на незадоволство“, на кој ќе се приклучат и наставниците, медицинарите, комуналните работници, па дури и адвокатите кои се вклучуваат во индустриските акции. Сето ова се случува во светло на големите поскапувања на храна и на гориво, кои ја туркаат инфлацијата кон стапка од 10 отсто.

„Нашата компанија ќе трае колку што ќе биде потребно за тоа“, рече Мик Линч, главен секретар на синдикатите на работници во железничкиот, поморскиот и во транспортниот сообраќај РМТ, во понеделникот за новинарите.

Премиерот Џонсон пак ги критикува синдикатите дека им штетат на луѓето за кои тврдат оти им помагаат.

Вработените во британската железница на предупредувачкиот штрајк на 6 јуни годинава
Вработените во британската железница на предупредувачкиот штрајк на 6 јуни годинаваФотографија: Vuk Valcic/ZUMA/dpa/picture alliance

„Со тоа што го продолжуваат овој штрајк, железничарите ги тераат патниците, луѓето кои се возат на работа, кои ги поддржуваат железничарските работници, а влијаат и на компаниите и на социјалните заедници ширум земјата“, вели Џонсон, соопшти неговиот кабинет.

Илјадници луѓе учествуваа во протестот кој се одржа во саботата во центарот на Лондон во организација на синдикатите.