1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ватикан отпуштил речиси 400 свештеници заради педофилија

ЕМФ/афп18 јануари 2014

Во последните две години, 2011-та и 2012-та, папата кој поднесе оставка, Бенедикт 16-ти, отпуштил неколку стотици свештеници поради злоупотреба на деца, соопшти денеска (18.01) портпаролот на Ватикан Федерико Ломбарди.

https://p.dw.com/p/1AtAF
Фотографија: picture alliance/dpa

Во 2012 година се отпуштени околу 100, додека во годината претходно - околу 300 свештеници, соопшти портпаролот на Ватикан Федерико Ломбарди. Ваквото објавување на бројки е невообичаено. Тоа е направено поради тоа што делегација на Ватикан неделава првпат мораше да даде изјава во врска со злоупотребата на деца пред Комисијата за права на децата на ОН во Женева.

По првите откритија на случаи на злупотреба на деца во Ирска и САД, од пред повеќе од една деценија, скандалот во рамки на католичката црква се ширеше. Притоа, има и свештеници кои се обвинети дека се обидувале да ги забошотат случаите на сексуално насилство врз деца. Папата Бенедикт 16-ти, кој беше поглавар на Римокатоличката црква во периодот од 2005 до 2013 година, повика на „нула толеранција“ кон извршителите на вакви дела.

Federico Lombardi PK Vatikan Benedikt XVI
Федерико ЛомбардиФотографија: Reuters

Сепак, според Мрежата на жртви на злоупотреба (СНАП), отпуштањето на свештеници педофили не е доволно. Следбеникот на Бенедикт 16-ти, Франциско, треба да почне и со отпуштање на лицата кои се на функции, а кои ги забошотувале и прикривале насилствата. „Сѐ додека тоа не се случи, ќе се смени само малку“, соопшти денеска оваа организација, која бара од црквата да обезбеди - свештениците кои злоупотребуваат или сексуално вознемируваат деца да бидат кривично гонети.

Папата Франциско во четвртокот (16.01) скандалите од изминатите години ги нарече „срам за црквата“.