1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Варуфакис во Берлин

Бетина Маркс/бг9 јуни 2015

Грчкиот министер за финансии од канцеларката Меркел посакува „говор на надеж“. Во Берлин, Варуфакис изјави дека состојбата за некои работници во Грција е полоша од ропство.

https://p.dw.com/p/1Fe0j
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Fischer

Јанис Варуфакис можеби е Enfant Terrible на европската политичка сцена: неомилен кај колегите, исмејуван, па дури и омаловажуван во медиумите. Но во Берлин во понеделникот (08.06), грчкиот министер за финансии беше ѕвезда. Стотици луѓе дојдоа да присуствуваат на неговиот говор во француската катедрала за во живо да го видат надарениот професор по економија. Министерот кој веќе со месеци предизвикува нерасположеност кај европските политичари и доверители, беше дочекан со грчка музика и аплауз од стотици луѓе.

„Дојдов да воспоставам мостови“, рече Варуфакис и додаде дека сака да внесе хармонија „со оглед на постојаните обиди да се внесат кавги и неслога меѓу народите“.

Вината за презадолженоста на неговата земја не ја сносат само Грците, ниту економски силните европски држави. Германија, благодарение на својата извонредно силна економија и ниските плати, изгради огромен надворешнотрговски суфицит - на товар на земјите од периферијата на Европа кои се ‘повеќе се задолжуваа, па оттука кризата беше неизбежна. „Нема полза од тоа да зборуваме за долговите во морални категории“, нагласи Варуфакис. „Ние Европејците го создадовме тој систем и ние заеднички мораме да го поправиме“.

Griechenland Athen Armut
Фотографија: picture alliance/Robert Geiss

Полошо од ропство

Десетици илјади луѓе во Грција ги загубија своите домови и пензии. Законските одредби со кои се штитат правата на вработените се укинати. Последица од тоа се половина милион Грци кои со месеци не земаат пари за својата работа. „Тоа е полошо од ропство“, рече Варуфакис. Затоа неговата влада им предложила на доверителите да се изработат модерни закони со кои се штитат правата на работниците, но и да се реформира пензискиот систем за да има поголем прилив на пари во социјалните каси, со што би се овозможила одржливоста на тие институции. Но двата предлога се одбиени. Наместо тоа, доверителите барале нови кратења во областа на пензискиот систем, во кој трошоците и претходно биле скратени за 40 проценти. Покрај тоа, тие барале и зголемување на даноците на додадена вредност од 13 на 23 проценти. Но, со такви реформи грчкото стопанство не може да биде спасено. „Доколку продолжат да го цедат народот фрлајќи го во сиромаштија, ние никогаш нема да можеме да се реформираме“, предупредува Варуфакис.

„Говор на надеж“

Грчкиот министер потсети на Германија по Втората светска војна, кога сојузниците започнале со деиндустријализација на победената земја за од неа да направат земјоделска земја. Дури т.н. „говор на надеж“ на тогашниот американски министер за надворешни работи Џејмс Ф. Бернс во 1946 година во Штутгарт довел до пресврт и создал услови за Маршаловиот план и стопанското чудо во Германија. Затоа Варуфакис нагласува дека сега посакува сличен говор од германската канцеларка Ангела Меркел со кој на неговиот народ би му се дала надеж за подобро утре.

Својот говор Варуфакис го заврши со потсетување на своето детство и признание за Дојче веле. Рече дека добро се сеќава како неговите родители ги следеле емисиите на Дојче веле на грчки јазик во времето на воената диктатура во Грција меѓу 1969 и 1975 година. „Дојче веле беше наш сојузник против репресијата. Германија за мене беше извор на надеж“, рече грчкиот министер за финансии.