Вартоломеј-борбениот поглавар на православците
10 мај 2014Димитриос Архондонис, како што гласи неговото световно име, пред 23 години беше прогласен за вселенски патријарх. Денес тој има 74 години и живее во Истанбул. Многу од она што тој ќе им го раскаже на домаќините во Берлин, нема да им се допадне на властодршците на Босфор. Зашто, историјата на христијаните во Турција е приказна за дискриминација: Вартоломеј тоа го почувствува и на своја кожа. Вселенскиот патријарх е роден на островот Имброс во 1940 година, во селото Теодори-Чанакале. Тој студирал теологија на Богословијата Халики во Турција, а завршил постдипломси студии на Епископскиот ориентален институт во Рим и минхенскиот универзитет „Лудвиг Максимилијан“.
Патријарх со само 51 година
Во 1972 година е именуван за директор на патријархиската канцеларија во Истанбул, а во 1990 година стана митрополит на Халкедон. На 22 октомври 1991 година 15 митрополити од Светиот синод го востоличија за вселенси патријарх, односно екуменски цариградски патријарх. Тогаш имаше само 51 година. Вартоломеј Први е 270. наследник на апостолот Андреј и истовремено почесен поглавар на околу 300 милиони православни христијани. Него го сметаат за човек од збор и човек кој на другите им пружа рака. Така, тој во 2006 година го покани папата Бенедикт Шеснаесетти во Истанбул. Пред една година беше првиот православен патријарх кој по расколот на црквата во 1054 година на западна и источна, присуствуваше на инаугурацијата на еден римокатолички папа-на папата Франциско. Вартоломеј упсе д ги поправи нарушените односи и со Руската православна црква. Тој игра важна улогаво организацијата на Вселенскиот собор кој треба да се одржи во 2016 година во Истанбул, прв таков собир откако Вартоломеј е задолжен за екуменизмот и дијалогот со религиите.
Државата оневозможува школување свештеници
Положбата на христијаните во Турција е тешка. Нив ги има вкупно околу 100.000. Од нив, околу 60.000 се Ерменци, 20.000 се Асирци и неколку илјади се Грци. Затоа на Вартоломеј посебно му лежи на срце отворање Теолошки факултет во Халки, (Хејбели Ада на трурски), кој беше затворен во 1971 година со одлука на тогашната турска влада.
Од тој факултет зависи школувањето свештеници, а со тоа и одржувањето на патријаршијата. Според црковното право, патријархот мора да биде свештеник, а истовремено, според турското право-граѓанин на Турција. Турција не им дава државјанство на теолозите кои студираат во странство. Петициите на патријархот на адреса на владата во Анкара досега не вродија плод.
„Вселенската патријаршија е можеби единствената црква во светот, која нема можност да школува свештеници“, вели Вартоломеј.
ЕУ во секој извештај за напредокот на Турција бара и речиси ја моли Турција, како кандидат за члнество, да дозволи отворање богословија. Турската влада истовремено одбива правно да ја признае Цариградската патријаршија. Врховниот суд на Турција му забрани на патријархот да ја користи својата титула „вселенски патријарх“, со образложение дека патријаршијата подлежи на турските закони и затоа таквата универзална титула не е соодветна.
Турција го конфискуваше имотот на црквата
Патријархот секојдневно се бори за враќање на одземениот, конфискуваниот имот на црквата. Во 1936. година сите немуслимански фондации, кои важеа за правни носители на богомолството, мораа да достават списоци на својот имот. Голем дел од него, повеќе од илјада епископии, болници, училишта, станбени згради и гробишта, турската држава ги заплени и делумно ги препродаде. Со измена на законот, сега турската држава сака конфискуваниот црковен имот да им го врати на вистинските сопственици или да им плати отштета. Но, тоа нема да биде едноставно, зашто ќе ги отвори непријатните прашања за односот на Турција кон христијанските малцинства.
Патријархот Вартоломеј Први се изјасни и во поглед на светската политика. Во своето Велигденско послание, тој изрази загриженост поради омразата, ширењето нетолеранција, насилството и неправдата во светот. Оваа година околу 2,3 милијарди католички, евангелски и православни христијани го славеа Велигден во ист ден. Вартоломеј се огласи и по повод кризата во Украина: „Во една демократска нација во 21 век нема место за брутално насилство и пролевање крв“. Вартоломеј се ангажира и за заштита на животната средина, за што има добиено повеќе признанија-најмалку 25 универзитети во Европа, Русија и САД му имаат доделено почесна докторска титула.