1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вардар ветува „жежок“ реванш на Фленсбург во Скопје

ЖА/миа/макфакс22 април 2014

Фленсбург го победи Вардар со 24:22 (13:14), во првиот четвртфинален натпревар во Лигата на шампиони. Поразот од два гола го остава Вардар во игра за пласман на завршниот турнир во Келн.

https://p.dw.com/p/1BltP
Фотографија: Joern Pollex/Bongarts/Getty Images

Голманот Петар Ангелов беше најдобриот играч на Вардар на оваа средба, мечот тој го заврши со 19 успешни интервенции. Стрелците ги предводеше Карачиќ кој постигна девет голови, Брумен постигна четири, а Дибиров и Тоскиќ по три гола.

Кај Фленсбург се истакнаа Егерт со шест и Сван со пет голови. Фленсбург и Вардар во текот на целиот натпревар водеа вистинска ракометна војна, домаќинот подобро го отвори мечот, стекна предност од три гола која ја одбржуваше до 15-та минута, кога Вардар успеа да фати приклучок.

„Црвено црните“ како одминуваше времето влегуваа во вистинскиот ритам, Ангелов успеа да одбрани неколку тешки топки, Карачиќ лесно ја пробиваше одбраната на противникот и на полувремето македонскиот првак имаше гол предност.

Во ист ритам Вардар започна и во вториот дел, предноста од два гола ја одржуваше се‘ до 45-та минута, кога Фленсбург влезе во серија 5:1. Лошите 10 минути во играта на Вардар Фленсбург ги искористи за да стигне до највисоката предност од четири голови 24:20. Во финишот Ангелов одбрани две топки, неговите соиграчи два пати погодија во нападот за конечни 24:20. Возвратниот натпревар во Скопје ќе се одигра во сабота.

Дибиров: Фленсбург не знае каков пекол го очекува во Скопје

Најдобриот стрелец во тимот на Вардар во Лигата на шампионите, Тимур Дибиров немаше свој ден на мечот во Фленсбург, постигнувајќи само три гола од 11 обиди, но за рускиот интернационалец најважно е тимот да победува, а не поединците.

„Немав ден на средбата во Фленсбург, ниту јас ниту Душебаев. Но, во Скопје сигурно ’ќе ги растуриме’. Тие воопшто немаат претстава каков пекол ги чека тука“, изјави Дибиров за клупскиот веб сајт.

Тој смета дека во реваншот поважно е тимот да победи, отколку тој да даде повеќе голови.

„Немав среќа на овој натпревар, но тоа е спортот. Има и вакви натпревари. Сепак најважен е резултатот на екипата, а не моите голови. Ако треба ќе помагам само во одбрана, но важно е да продолжиме понатаму. А таму одат големи екипи, а не големи играчи“, смета Дибиров.

Крилото на Вардар со трите гола постигнати во Германија сега има вкупно 69, исто колку и Кирил Лазаров, и останува во Топ-10 на најдобрите стрелци во елитното натпреварување.