1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Валонија го отфрла ултиматумот за ЦЕТА

ЕМФ /агенции
24 октомври 2016

Времето истекува. Отпорот на белгискиот регион Валонија се заканува да го торпедира трговскиот пакт на ЕУ со Канада. Ќе се одржи ли воопшто самитот ЕУ-Канада в четврток?

https://p.dw.com/p/2RbZx
Belgien Wallonie Demo vor dem Parlamentsgebäude
Фотографија: GettyImages/AFP/N. Lambert

ЕУ и Канада најверојатно денеска ќе донесат одлука дали ќе се одржи планираниот самит в четврток, односно дали ќе пропадне потпишувањето на договорот за слободна трговија ЦЕТА.Притисокот расте, но Валонија отфрла условување со датуми. „Не е можно да се одговори на ултиматумот“, рече денеска првиот човек на валонскиот парламент, Андре Антоан. Слична изјава вчера даде и валонскиот премиер Пол Мањет.

Претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, ѝ даде на Белгија време до вечерва да донесе одлука за ЦЕТА. Потоа тој во телефонски разговор со канадскиот премиер Џастин Tрудо ќе реши дали ќе се одржи планираниот самит ЕУ-Канада в четврток или не.

Без Валонците не оди

На Белгија ѝ е неопходна согласност од Валонија, а на ЕУ ѝ е неопходна согласност од сите 28 членки. Со договорот ЦЕТА би требало да бидат отстранети царините и другите трговски пречки меѓу ЕУ и Канада за да се создадат работни места и да се овозможи економски пораст. Валонија стравува дека ЦЕТА ќе има негативни последици за земјоделството и дека ќе предизвика намалување на стандардите во делот на екологијата и заштитата на потрошувачите. Освен тоа, се стравува и од натпросечно зголемување на влијанието на интернационалните концерни.