1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Бучава - невидливата закана

Тим Шауенберг
18 јуни 2022

Од оштетување на слухот до срцеви заболувања – бучавата, посебно во градовите, им го загорчува животот на луѓето. Но, не само ним, туку и на птиците, инсектите, па дури и на растенијата. Решенијата се комплицирани

https://p.dw.com/p/4ASZm
Frankreich | Verkehr | Lärmradar Qualle
Фотографија: Bruitparif/dpa/picture alliance

Луѓето ја доживуваат буката на различен начин: поради бучната прослава кај соседите некој ќе се нервира и ќе повикува полиција, а друг ќе спие како јагне. Но, кај одредено ниво на бучава, веќе никој не може да ја пречуе. 

Зашто, одамна е познато дека буката не му штети само на човекот, туку и на животните и растенијата. Сепак, бучава има сѐ повеќе, и во градовите и надвор од нив.

Исто така, медицински е докажано дека не постои бука „која веќе не ја слушаме“, дури и ако некој веќе се „навикнал" на повишен интензитет на звук, било од бучна сообраќајница или  разглас кој трешти во кафуле,  нашиот мозок тоа сепак го слуша и реагира со аларм.

Со други зборови, лицето е во стрес и тоа се одразува на цела низа телесни процеси, што доведува до последици од повишен крвен притисок па до дијабетес или дури и срцев удар. Проценките велат дека 48.000 случаи на срцеви заболувања и 12.000 случаи на предвремена смрт се всушност последица на трајна и голема бучава. 

Сиромашните нека трпат...

Практично во сите велеградови во светот може да се измери не само трајна, туку повремено и екстремно силна бучава. Така на пример, 90 % од корисниците на јавен превоз во Њујорк се изложени на бука која ја преминува границата која значи можност за неповратно оштетување на слухот.

Покрај тоа,  бучавата е и форма на социјална неправда, вели Томас Мик, кој е надлежен за загадување со звук во германскиот Институт за животна средина: „Ако станот или куќата се наоѓаат на некоја сообраќајница, тогаш и станарината е пониска. Тоа значи дека луѓето кои се посиромашни почесто живеат на бучни улици.“

Така е ширум светот: семејствата со поплиток џеб живеат близу фабрики, депонии или сообраќајници, па затоа се поизложени на висока бука отколку поимотните граѓани. Извештајот за развојната програма на ОН утврди – таа социјална разлика е често истоветна и со припадноста на одредена етничка група.

Bangladesch | Beginn vom Ramadan
Дака во Бангладеш е еден од најбучните градови во светотФотографија: Mortuza Rashed

Жабите чекаат пауза...

Врева од секој вид е сериозно и тешко загадување, зашто не ги погодува само луѓето. Сѐ повеќе истражувања покажуваат дека буката им го отежнува животот и на животните и ги тера на промена во однесувањето. Некои промени се бизарни: на пример птиците кои живеат во градовите во Европа пеат погласно отколку птиците кои живеат во шума.

Промени во гласноста можат да се утврдат и кај инсектите и жабите кои живеат во близина на автопатишта. Но, таквиот начин на комуницирање не го разбираат секогаш и другите припадници на таа врста, па така тие не најдуваат партнери за парење. Друга опција е онаа која можела да се утврди кај жабите во Богота: тие ја слушаат буката на велеградот, а кога ќе чујат дека таа е малку потивка, дури тогаш отвораат уста.

Како и да е, за Мик таа бучава значи „пореметено размножување, а буката го спречува и правовременото откривање грабливци. Тоа значи дека целиот нивен животен простор е силно и негативно условен од буката."

BdT Deutschland Rotkehlchen
Птиците во градовите мора да се „натпреваруваат“ со букатаФотографија: Wolfram Steinberg/dpa/picture alliance

Тука на животните не им помага дури ни живот во национални паркови: според едно истражување во САД, во повеќе од половина од националните паркови во изминатите години нивото на буката е удвоено. Една причина се автопатиштата, но тука е и експлоатацијата на нафта, гас и рудни богатства, баш како и дрвната индустрија.“

„Сообраќајна дозвола, ве молам...“

Според споменатиот извештај на ОН, проблемот на бучавата во големите градови би можел донекаде да се ублажи со повеќе зеленило, првенствено со дрвја и грмушки, а тоа би помогнало и за подобра клима во урбаните подрачја.

Тивки хеликоптери

Германскиот експерт за звучно загадување во тој поглед е радикален: да, зеленилото го гуши и распрснува звукот, но буката и натаму постои. Според него, единствено вистинско решение е или акустична изолација на животниот простор и постојано затворени прозорци, или битно менување на сообраќајот во градовите.

Во Франција моментно се тестира „звучен радар“ со кој може да се утврдат посебно бучни возила. Тука се и автомобилите од кои трешти музика, па во Франција во догледно време за таков прекршок ќе се изрекуваат и казни.

Романтична претстава, пред сѐ на урбаните жители, е дека во природата е тивко. Воопшто не е: не само што грмотевици или бранови на разбранувано море лесно можат да ги надминат децибелите на патнички авиони, туку и распеаните птици или шуми во ветровити денови всушност можат да имаат повисок звучен интензитет отколку автомобили.

Но, тука е присутен медицински феномен: Таквиот вид на бука не само што не им пречи на луѓето, туку дури и ги смирува.