Бунтот на гладните во нова фаза
4 март 2014Хајрудин Каткиќ и индустрискиот град Тузла некогаш имаа подобра перспектива. Тој денес одвај да има пари за живот и стравува за иднината.
Со сопругата Изета, која е лаборант, долго време работеа во фабриката за детергенти во Тузла. И тоа уште во социјалистичка Југославија, дури и за време на војната во Босна и потоа, по 1995. во време на обновата. Но, сега фирмата банкротира. „Политичарите ја уништија, а не работниците; не обичните луѓе, туку политичарите и олигарсите - тие крадци ја уништија“, вели Каткиќ.
Средовечната двојка живее кај 82-годишниот татко на Изета - и од неговата пензија од 150 евра месечно. Но, Босанците се побунија против сиромаштијата. Тие се упатуваат на демонстрации. Со недели се одржуваа секој ден во 13 часот пред зградата на управата на кантонот Тузла, која во меѓувреме беше опожарена. Протестите се претворија во насилство.
Поевтин мир
Пред околу 3 недели младинци со камења ја нападнаа централата на локалната влада. Постари работници се солидаризираа со младите родени по војната. Таква работа немало од крајот на војната во мултиетничка Босна, каде политичарите ги нагласуваат разликите меѓу Бошњаците, Хрватите и Србите. Работите сега се свртеа против тие политичари и против корупцијата. Со мировниот договор од 1995 земјата е организирана во два дела.
Во едниот се мнозинство Србите, другиот го сочинуваат Бошњаците и Хрватите, кој уште е поделен и на десет кантони. Сите лордови на војната требаше да добијат по нешто. Четиринаесет влади, парламенти, управи и персонал според етнички и партиски пропорции. Овде пишува: „70 проценти од даночните средства се трошат за администрација, а 67 проценти од младите се невработени“. Поради тоа сега се зборува за нов, поевтин мир.
„Отсекогаш бев за Босна и Херцеговина без ентитетите и за босанско-хрватска федерација без кантони. Мислам дека народите во Босна долгорочно ќе најдат мировно решение, но не политичарите“, вели еден жител на Тузла.
Нејасно е дали така мислат и Србите во другата половина од земјата. Факт е, малкумина примаат повеќе од две илјади, а две третини од луѓето помалку од 200 евра месечно. „Стоп за национализмот“ е актуелна парола во Тузла. По осумнаесет години од војната и по милијарди евра помош за обнова од Западот, вака изгледа некогашиот индустриски град. Протестите од работничкиот град Тузла се проширија во другите делови од земјата, го зафатија и Сараево, каде е видливо богатството на босанските политичари.
Базична демократија
Со децении тоа го финансира и ЕУ, која до ден-денес нема решение за една функционална Босна.
„Начинот на кој функционира меѓународната дипломатија денес е ист како и насекаде, каде ние дејствуваме. Со луѓе што се демократски избрани многу е тешко да не разговараш“, вели претставникот на ЕУ во БиХ, Петер Соренсен.
Изета и една колешка вечерта одат на собир на граѓаните, организиран од работници и студенти, академци од универзитетот. За прв пат обичните луѓе во Босна самите се организираа.
„Конечно, по 20 години, луѓето побараа полагање сметки и транспарентност, побараа одговорност за непотизмот на олигарсите, непотизмот и корупцијата на политичарите“, вели Дамир Арсениевиќ од универзитетот во Тузла.
За прв пат по војната луѓето во Босна на вакви собири разговараат за иднината на земјата. Сѐ се договара и одобрува со гласање. Базична демократија.
По насилните протести, некои се надеваат на демократска пролет во Босна и Херцеговина. Многумина сметаат дека тоа е последна шанса за земјата, етнички распарчена од нејзините политичари.