Бундестагот даде согласност за преговори со Грција
17 јули 2015Бундестагот и’ даде мандат на Сојузната влада за преговори со Грција за доделување трет пакет финансиска помош. На гласањето што уследи по парламентарната дебата, 439 пратеници го поддржаа барањето на канцеларот Ангела Меркел, министерот за финансии Волфганг Шојбле и вицеканцеларот Зигмар Габриел, претседател на СПД - коалициониот партнер во владата. Од вкупно 631 пратеник, на вонредната седница на парламентот присуствуваа 598 пратеници - од нив 119 гласаа против, а 40 беа воздржани. Гласови против дојдоа и од редовите на владиното мнозинство -65 пратеници од ЦДУ/ЦСУ беа против курсот на Меркел, а против гласаа и четворица од СПД. Синоќа, на пробни гласања, во партиите на Унијата ЦДУ/ЦСУ 48 пратеници се изјасниле против, а кај СПД двајца. Во понеделникот во Брисел беше постигната согласност околу програмата за реформи како услов за поведување преговори за трет пакет финансиска помош во обем од 86 милијарди евра за акутно од банкрот загрозената Грција.
Меркел укажа на можен хаос во Грција
Пред гласањето во Бундестагот, канцеларот Ангела Меркел енергично агитираше кај пратениците за согласност за почеток на преговори со Грција во врска со договорените услови за доделување трет пакет финансиска помош. „Би постапиле грубо небрежно, ако барем не се обидевме да одиме по овој пат“, рече Меркел и нагласи дека во спротивно би настанал хаос во Грција. Германската влада, според Меркел, решила да преземе последен обид, преку „тешки, жилави преговори“, да се постигна согласност со грчката влада, „но не по секоја цена“. Натамошните милијарди за Атина биле можни само со готовност на грчката влада за реформи. „Воопшто не може да има никакво сомнение: резултатот од понеделникот е тежок“ за Грција, а партнерите многу ќе внимаваат дали Грција ќе ги одржи ветувањата за реформи, рече Меркел и нагласи дека се нужни проверки и контроли и оти за тоа имало строг договор.
Германскиот канцелар сепак призна дека е неизвесно дали Грција ќе успее да го изоди тој пат. Но, алтернатива би било да се кршат договорите до степен тие „веќе да станат безвредни“, или Европа да не преземе последен обид за спас и да набљудува „додека земјата да искрвари“.
Габриел: Стоп за дебата за грекзит; Шојбле: Грекзит подобра алтернатива!
Зигмар Габриел, вицеканцелар, министер за стопанство и партиски шеф на социјалдемократите, исто така се заложи за давање согласност за преговарање со Грција. Таа земја има потреба не само од финансиска помош, туку и од сеопфатна реформа на нејзините државни структури. Европа во минатото ја потцени тежината на институционалните проблеми во Грција и пасивно ги набљудуваше старите структури. Сега во фокусот мора да стои изградба на способна држава во Грција. Габриел побара сите засегнати да и' дадат поддршка на грчката влада во реформските напори и да престане дебатата за грекзит.
Министерот за финансии Волфганг Шојбле во парламентарната дебата оцени дека ова бил „последен обид за да се исполни таа извонредно тешка задача“ и сега е битно Грција да ја врати загубената доверба. Тој потсети дека со европското право во еврозоната е исклучена можноста за отпис на долгови, што го прави третиот пакет за помош уште потежок. Без темелни реформи во Грција нема да биде можно да се оди по тој пат, нагласи Шојбле. Тој најави дека претстојат тешки преговори и уште еднаш го повтори својот став - за Грција е подобро привремено да ја напушти еврозоната, за да се овозможи отпис на долговите.
„На Европа и' треба топло срце и студена глава“
Водачот на опозицијата Грегор Гизи, шеф на фракцијата на Партијата на левицата, изнесе тешки прекори против министерот за финансии Шојбле во врска со неговиот став во однос на кризата во Грција, префрлувајќи му дека ја уништувал европската идеја. Сара Вагенкнехт, заменик-шеф на фракцијата, ја обвини германската влада дека со третиот пакет само уште повеќе ја отежнува состојбата на Грција. „На презадолжениот не му се потребни нови долгови, туку вистински отпис на старите“, рече таа. Левицата ја поддржува владата на Сириза во Грција, но гласа против договорените мерки, кои ги смета за неправедни.
Катрин Геринг-Екарт, шефица на фракцијата на Зелените, исто така искажа критика на сметка на владата дека предизвикала поделба во Европа. Заканата со грекзит била фатална. „На Европа во овие денови и' се потребни топло срце и студена глава', рече Геринг-Екарт и побара олеснување на долговите и дополнителни инвестиции во Грција.