Бундеслига – старт: фудбал под нивото на амбиентот. Олимпијада спроти стартот – скандал фрла сенка
9 август 2004Бундеслигата започна на необичен начин – со прекин на струја, што предизвика доцнење од повеќе од еден час во петокот во Бремен. Шампионот Вердер потоа ги забележа првите три бода со победата против Шалке од 1 спрема нула обезбедена на 6 минути пред крајот со голот на младиот Нелсон Валдез. Гостинскиот тренер Јуп Ханјкес жали по неискористените шанси и воопшто не побара оправдување во одложениот почеток.
Баерн Минхен е постојано фаворит во првенството - и годинава многумина сметаат дека има најголеми изгледи за титулата. Првата потврда на таквите прогнози е повеќе резултатска – 2 спрема 0 на гости кај Хамбургер со головите на Балак и препородениот Дајслер. Оливер Кан, капитен на Баерн, не беше задоволен од играта,а Клаус Топмелер, тренер на Хамбургер констатира дека “не победи подобриот, туку посреќниот тим”. Феликс Магат, новиот кормилар на Баерн не беше незадоволен: “Победата беше важна за нас, бидејќи ова беше прв натпревар во сезоната и секогаш е убаво кога се стартува со три бодови, уште повеќе кога нас не гледаат како фаворит”.
Изненадување на стартот е поразот на Борусија во Дортмунд од Волфсбург со 2 спрема 1, што беше проследено со концерт од свирежи од 71 илјада гледачи на стадионот, уште повеќе што Борусија беше во меѓувреме елиминирана и од Интертото-купот. Томас Брдариќ беше централна личност на мечот, што го реши со двата погодока: “Имам многу амбиции за новата сезона. Пресреќен сум што веќе денеска вака се одвиваа работите”, рече Брдариќ, кој во минатото првенство во дресот на Хановер постигна 18 голови.
Листата на голгетерите годинава сепак ја поведе Бразилецот Какау, кој трипати ја затресе мрежата на мечот Штутгарт – Мајнц. Новиот тим на довчерашниот тренер на Борусија Дортмунд, Матијас Замер, славеше победа од 4 спрема 2. За Мајнц ова беше прв натпревар во во првата лига во клупската историја.
Забележителен успех оствари и Нирнберг – победа на гостувањето во Кајзерслаутерн со 3 спрема 1. “Постојано велев дека за натпреварот во Кајзерслаутерн ќе бидеме во врвна форма - тркачки и телесно. Тоа и се виде, тимот беше извонреден и во второто полувреме заслужено ја обезбеди победата”, зборуваше по средбата тренерот на Нирнберг Волфганг Волф, кој голем дел од својата кариера како играч го помина токму во Кајзерслаутерн.
Баер Леверкузен среќно дојде до победата од 2 спрема 1 против Хановер со гол во последните моменти на средбата. Тренерот Клаус Аугенталер призна дека веќе бил помирен со нерешен резултат.
Две средби завршија нерешено. Херта во Берлин имаше водство до 2 спрема 0 против Бохум, па сепак тоа не и беше доволно за победа. На крајот резултатот гласи 2 спрема 2, а останува сенка врз пресвртот на Бохум поради спорниот пенал за гостите досуден од Маркус Мерк, судијата што го водеше финалниот дуел на последното европско првенство. Фрајбург и Борусија Менхенгладбах одиграа слаб натпревар и не е чудно што мрежите мируваа.
Во првото коло е забележана посета од вкупно 366 973 гледачи, или 40 775 по натпревар. Со тоа за малку не е достигнат рекордот на стартот на првенството од 1965/66-та година, кога е остварен просек од 40 944 гледачи. Постигнати се вкупно 25 годлови, досудени се три пенали - и сите се реализирани. Марчело Жозе Плеч од Борусија Менхенгладбах е првиот фудбалер кому му е покажан црвен картон, откако претходно веќе беше опоменат со жолт.
Четири екипи стартуваа со нови тренери: Магат во Баерн, Замер во Штутгарт, Фалко Гец во Херта и Холанѓанецот Бернд ван Марвајк во Борусија Дортмунд. Јирген Клоп од Мајнц и Уве Раполдер, тренер на Арминија Билефелд, за првпат предводеа тим во прволигашка конкуренција. Дебитираа и вкупно 23 играчи, при што Жилберто од Херта и Витек од Нирнберг веднаш се запишаа и во листата на стрелците.
Олимпијадата на прагот – скандал во фокусот
Олимпискиот пламен се движи низ Грција за в петок да стигне на стадионот во Атина и да го означи почетокот на олимпијадата. Вчера, меѓу носителите преку новиот мост што ја поврзува Западна Грција со полуостровот Пелопонез, беше и германскиот тренер Ото Рехагел, творец на сензационалниот успех на грчкиот фудбал – освојувањето на титулата европски првак. “Радо дојдов овде и горд сум што можам да го носам пламенот, што ќе му го предадам на тренерот на олимпискиот тим Апостолакис. Нему ќе му посакам да се избори за ист успех на олимпијадата, како ние во Португалија”, рече Рехагел пред да го понесе факелот.
Олимпијадата е на прагот, а Меѓународниот олимписки комитет (ИОЦ ) мораше во саботата да се занимава со новите прилози на вечната тема - сомневањата за корупција на некои негови членови. Ни казни во претходните докажани случаи на купување гласови за добивање организација на игрите не придонесоа за вразумување – британски новинари документираа дека веќе започнува лицитацијата за гласовите за изборот на организатор на олимпијадата во 2012-та година. Притоа, како особено важна се покажа “балканската врска”. Како консеквенција на новите сознанија, суспендирано е членството на Бугаринот Иван Славков во ИОЦ и одземена му е акредитацијата за игрите во Атина. “Секогаш е тажно да се види како некои поединци не ги почитуваат правилата. Можам да ве уверам дека Меѓународниот олимписки комитет под мое раководство 100-процентно ќе ги почитува етичките правила. Ако е цена за тоа донесување и болни решенија, ние ќе ги донесеме секогаш кога ќе биде потребно” – рече првиот човек на олимпиското движење Жак Рог. Инаку, Извршниот комитет на ИОЦ е “крајно задоволен” од подготовките за олимпијадата. “Ние сме сигурни дека ќе имаме многу добри игри” – рече Рог.