Бундесверот започна да се враќа од Авганистан
29 јули 2013Иако Бундесверот во мисиите во странство стекна определено искуство, повлекувањето на трупите и опремата од Авганистан е предизвик со кој германската армија досега се нема соочено. Според информациите од Бундесверот, до крајот на мисијата која завршува наредната година, во Германија од Авганистан ќе бидат транспортирани 1.200 оклопни возила како и 4.800 контејнери со оружје, муниција, компјутери и останата опрема. Бундесверот планира да ги напушти базите во северен Авганистан пред доаѓањето на зимата, која би можела да го отежне повлекувањето.
Отежнувачка околност за време на повлекувањето е фактот дека Авганистан нема пристап до море. Наместо опремата со бродови директно да се довезе во Германија, нејзиниот транспорт во дел ќе се одвива по копнен и воздушен пат. така опремата која утрината со брод тргна од Турција , таму беше транспортирана со авиони од Масар и Шариф на северот на Авганистан. Втората рута ќе биде преку Карачи во Пакистан, од каде до Германија опремата повторно ќе биде транспортирана со бродови. Третата рута е железничка- низ Узбекистан, Казахстан, Русија и балтичките земји. Во германската армија проценуваат дека целото повлекување ќе чини околу 150 милиони евра.
Што се враќа а што останува?
Постојат материјали кои од економски и од воено политички причини не можат да се вратат. „Работи чиј транспорт е скап ќе бидат продадени во провинцијата Кундуз“, вели Јорк фон Рехенберг, командант на трупите на Бундесцерот во Кундуз. Притоа не станува збор за оружје и воени возила, туку за материјал кој може да се користи за цивилни цели, како што се агрегати за струја или мебел.
Модерната воена болница во која пред две години беа вложени шест милиони евра, во дел ќе биде вратена во Германија, а еден дел ќе остане во Авганистан. „Поголем дел од медицинскиот материјал ќе биде вратен бидејќи за апаратите кои ќе ги дадеме мораме да преземеме двегодишна гаранција, која не можеме да си ја дозволиме“, вели командантот Рехенберг. Воената медицинска опрема ќе биде користена на други мисии во странство.
Објектите остануваат во Авганистан
Во објектите кои ги користеа припадниците на германската армија ќе бидат отворени центри за обука на авганистанската полиција а ќе ги користат и припадниците на тамошната војска. Рехенберг вели дека касарните ќе бидат прилагодени на потребите на авганистанската армија. Објектите повеќе нема да бидат снабдувани со електрична енергија произведена од агрегати, туку ќе бидат приклучени на локалната електро-мрежа, што е понесигурна но поефтина опција.
Командантот на авганистанската национална полиција во Кундуз, генералот Халил Андараби, вели дека без оглед на целокупните подготовки, на авганистанските сили за безбедност им е потребна обука, квалитетно оружје и поддршка од воздух. „Недостатокот на сето тоа во Кундуз ни ја отежнува работата. Повлекувањето можеби се одвива прерано. нашите германски пријатели можеа да сочекаат и со повлекувањето да започнат по претседателските избори кои се оддржуваат наредната година“, додава генералот Андараби.