1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови права

Бугарија – ромските училишта како ќорсокак

Рајна Бројер
13 октомври 2018

Речиси една третина од децата Роми во Бугарија одат во училишта во кои сите деца се од ова малцинство – последица на маргинализација и отфрлање. Рајна Бројер посети едно ромско училиште во Софија.

https://p.dw.com/p/350yQ
Bulgarien 106. Schule Grigorij Tsamblak in Sofia
Фотографија: DW/R. Breuer

Ирена Цукева покажува на еден ѕид полн со слики со кои се прикрива една голема дупка во него. Бојата на радијаторот речиси ја нема, вратата е расклатена. За надворешната фасада на училиштето потребно е да се офарба со нова боја, но не поради тоа што старата боја е избледена. „На ѕидовите гледате свастики, навредливи пораки и графити. Не можеме да постигнеме да ги исчистиме ѕидовите", вели Ирена Цукева. „Тоа го прават младите од соседството кои не учат во ова училиште." Овде 98% од учениците се Роми. Но, Цукева која веќе 40 години е поврзана со ова училиште, како ученик, а потоа и како учителка, а во последниве 15 години е директор, се сеќава и на други времиња. На почетокот на 2000 та година беше усвоен нов закон со кој им се дозволува на родителите сами да одберат во кое училиште ќе оди нивното дете. Нашето училиште беше атрактивно за ромските семејства од соседството, но поради тоа пак другите семејства од оваа околина ги испратија своите деца во другите централни училишта. „Со тек на времето ова училиште стана само ромско училиште. Тоа не е единствен случај во Бугарија. Според Агенцијата на ЕУ за основни права, процентот на деца Роми кои одат во ромско училиште во Бугарија, последниве пет години се искачи од 16% на 29%. Тоа е највисоката стапка во деветте југо-источни земји членки опфатени во студијата. „Ние не смееме да ги делиме децата по етничка линија," вели Ирена Цукева. „Јас на моите ученици постојано им велам: ние сме сите Бугари бидејќи сме родени во Бугарија."

Отфрлање и омраза

Нападите на Ромите во Бугарија се широка појава. Политичарите не преземаат речиси ништо против тоа. Често и тие ја потпалуваат атмосферата која ионака е тензична. Есента 2017. година претседателот на партијата „Национален фронт за спас на Бугарија", Валери Симеонов беше осуден на суд поради ширење говор на омраза. Тој ги нарече Ромите "арогантни, претенциозни и диви суштества",а жените дека имаат „инстинкт на улични кучиња". Да биде иронијата поголема, Валери Симеонов е претседател на националниот совет за интеграција на малцинствата. Против политиката на маргинализација се бори директорката на ова училиште Ирена Цукева.

Таа имаше среќа дека ја има поддршката од професорот Росен Богомилов. Тој е единствениот учител Ром во нејзиното училиште и им е вистински пример на децата. Но, неговиот пат додека стаса до учителската позиција беше трнлив. „По моето дипломирање во 2013 година почнав да се пријавувам за работа во повеќе училишта во Софија. Бев повикан на неколку интервјуа за работа, но на крајот бев одбиван, " се сеќава тој. Неколку училишта и отвооено му кажале дека е одбиен бидејќи е Ром.

Rossen Bogomilov, Geschichst- und Geografielehrer
Росен БогомиловФотографија: DW/R. Breuer

Директорката Ирена Цукева беше единствената што го прими и тоа со широко отворени раце и надеж. Тој веќе пет години предава историја и географија, а од почетокот на септември е и заменик директор.

Решение: училиште за секого

На Росен Богомилов му успеа. Иако доживеа многу одбивања, тој сепак никогаш не се откажа од сонот да стане учител. Ниту за неговите учениции нема да биде лесно, бидејќи регулативите се заоструваат. Тој е свесен дека уште многу работи треба да се променат во бугарското општество: „Интеграцијата ќе успее тогаш кога нема да има населби во кои ќе живеат само Роми, кога сите ќе живееме заедно, кога нема да има сегрегација во училиштата, и кога сите заедно ќе одат на училиште. Само тогаш ќе се промени свеста кај двете страни," вели Росен Богомилов.

Росен Богомилов и Ирена Цукева сакаат преку образование на децата Роми да им створат основа за иднината. Веќе десет години тие им нудат можност и на нивните родители и останати возрасни лица да се дообразуваат. 82 возрасни лица успешно полагаа минатата година, а најстариот од нив беше еден 60 годишен човек. Од годинава Цукева и Богомилов сакаат да постават и медијатор кој ќе се грижи за социјалните проблеми на учениците Роми и ќе работи поврзување на ромските семјства и училиштето. „Некогаш децата не доаѓаат на училиште бидејќи немаат зимски чевли," вели директорката. Поради тоа со години децата спроведуваата акции за помош на сиромашните деца.