1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Парламентарни избори во Бугарија: промени или иселување? 

Александар Детев
3 април 2021

Млади и добро образовани Бугари во пресрет на парламентарните избори в недела - сакаат промени и земјата да ја ослободат од корупција. Ако тоа не успее, гледаат само една алтернатива: да се иселат.  

https://p.dw.com/p/3rWwD
Bulgarien Wahlen
Фотографија: Sonja Kanikova/DW

Мирно е на познатиот булевар Витоша во Софија. Парламентарните избори се утре (04.04), но речиси и да не се чувствува дека е предизборна кампања. Само неколку члена и поддржувачи на опозициската партија „Исправи се! Мафија надвор!" се собрани и го пренесуваат нивниот настан во живо на Фејсбук. Оваа партија настана по неколкумесечните антивладини протести во изминатото лето и рана есен. Партијата сега за прв пат ќе бара поддршка од гласачите и сака да спречи четврт мандат на актуелниот премиер Бојко Борисов. 

Среде изборната кампања Бугарија влезе во нов локдаун. Претходно, на 1 март, владата дозволи отворање на угостителските објекти и најави понатамошни олеснувања на мерките и покрај критиките од здравствените експерти и растечки број на новозаразени од корона. Резултатот: екстремно високи бројки на заразени од Ковид- 19 во Бугарија. „На крајот на силите сме“ изјави неодамна во радио интервју Асен Балтов, директор на најголемата болница за итни случаи во Бугарија.

Се преферира „етаблираното“ 

И покрај лошото справување со пандемијата и масовните анти-корупциски протести  од минатата година, партијата на премиерот Бојко Борисов, Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) убедливо води во анкетите. Зошто? Еден средовечен човек кого го сретнавме во центарот на Софија ни даде одговор: „Опозицијата се уште не е етаблирана. Преферирам да гласам за нешто што добро го познавам, дури и кога тоа не е најдобрата опција“. 

Dimitar Dimitrov - politischer Kandidat der Partei "Demokratisches Bulgarien
Димитар Димитров, кандидат на Демократска БугаријаФотографија: Alexandar Detev/DW

Многу млади Бугари пак имаат различен став. На пример, Димитар Димитров, 29- годишно момче, елоквентен и модерен. За неговата магистерска работа за историјата на меѓународните односи на престижната Лондонска школа за економија добил историски највисока оценка што му ги отвора вратите за одлична интернационална кариера. Но, тој сепак пред шест години се вратил во Бугарија. Сега е кандидат на листата на Демократска Бугарија (ДБ), десно-либерален сојуз предводен од Христо Иванов, поранешен министер за правда во времето на Бојко Борисов, кој во 2015 година поднесе оставка по неуспешната реформа на правосудниот систем. 

„Непотизмот и корупцијата се присутни насекаде“

Димитров е убеден дека Бојко Борисов и неговата влада се „излитени, делегитимирани и штетни за политичкиот и општествениот живот во Бугарија“. Младиот научник претставува една генерација Бугари кои размислуваат глобално, но сакаат да делуваат локално. Желбата на Димитров е овие млади и претежно одлично образовани мажи и жени да се вклучат во политиката и да се разбијат старите „врски и пракси“. 

Iva Tsenkova und Atanas Tersiev - zwei junge Demonstranten in Bulgarien
Ива Ценкова и Атанас Терзиев: бирократијата и некомпетентноста се присутни насекадеФотографија: Alexandar Detev/DW

Токму тоа го сакаат и Ива и Атанас. Минатата година тие учествуваа во антивладините протести и скандираа: „Мафија! Корупција!“. Имаат по 27 години, во врска се и работат како специјалисти за дигитален маркетинг. Ива студирала во Австрија, но пред три години се вратила во Бугарија. „Во ниту еден дел од политиката нема луѓе кои знаат што прават,“ вели нејзиното момче Атанас и додава: „бирократијата и некомпетентноста се присутни насекаде.“ Уште полошо, додава Ива, е дека „непотизмот и корупцијата ги има насекаде што е многу разочарувачки за луѓето.“ Но, ова во истовреме е и мотивација да излезат на гласање и да се поддржи алтернатива, вели таа. 

Формирање влада - тешка задача

Бугарија заедно со Романија е на последното место во ЕУ на индексот за корупција на Транспаренси интернешнал. Во однос на слобода на медиумите исто така е на дното во ЕУ – на листата на „Репортери без граници“ во 2020 беше на 111 место од 180. „Неколку моќни бизнисмени во Бугарија се сопственици на поголемиот дел од медиумите и ја одредуваат уредничката линија во координација со водечките политичари,“ се вели во извештајот на „Репортери без граници“. 

Повеќе на темата:

„Бугарија мора да го промени имиџот на корумпирана држава“

Пет сценарија за промени во Бугарија

Бугарија: „Живееме во гнила држава во која умираат млади луѓе“

Бугарија и опасното флертување со „патриотизмот“

Корупција, непотизам, медиуми под влијание на политиката – младите Бугари кои минатата година протестираа на улица сакаат на сето ова да му стават крај. Со нивните гласови или како идни парламентарци. Според анкетите Демократска Бугарија, граѓанската партија на Димитров, може да освои меѓу 6% до 8%. Но, прашање е дали ќе влезе во коалиција со останатите опозициски партии. „Во суштина не гледам можен коалициски партнер“, вели Атанас. „Би било крајно демотивирачки за гласачите ако ДБ влезе во коалиција со една статус-кво партија,“ додава тој. 

Без непринципиелни компромиси 

Под „статус-кво партии“ се мисли на трите најголеми партии во Бугарија – ГЕРБ на Бојко Борисов, Бугарската социјалистичка партија (БСП) која е наследник на Бугарската комунистичка партија и Движењето за правда и слобода, (ДПС) партија на турското малцинство во Бугарија. Најозлогласениот политичар од оваа партија, олигархот Делјан Пеевски, според „Репортери без граници“ е “највлијателниот медиумски магнат во Бугарија, вмешан во неколку скандали за богатење и злоупотреба на положбата“. Пеевски не се кандидираше на овие избори. Нема официјално објаснување за ваквата негова одлука. 

Што по изборите? Димитар Димитров воздивнува длабоко. „Нема да биде лесно, но во никој случај не треба да правиме непринципиелни компромиси“, вели тој. Благороден, но тежок потег бидејќи идниот парламент ќе биде фрагментиран со пет до осум партии во него. 

И покрај се, младите мажи и жени во Бугарија кои протестираа минатата година, се надеваат на промени и дека државата ќе тргне во друга насока. „Се уште се надевам дека работите ќе се сменат“, вели Ива. Што ако не? „Протести“, категоричен е Атанас. „А, ако не се случат промени, тогаш не ни останува ништо друго освен да се иселиме.“