1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брок: Мировни преговори за Украина се во интерес на сите

Фридел Таубе / ЕМФ27 декември 2014

Разговорите меѓу Украина, Русија и проруските сепаратисти од вчера (26.12) се прекинати. Европскиот пратеник Елмар Брок ги повикува страните во конфликтот да се вратат на преговарачка маса.

https://p.dw.com/p/1EAY4
Фотографија: KAS

ДВ: Мировните преговори во Минск под раководство на ОБСЕ очигледно пропаднаа. Како натаму?

Елмар Брок: Се надевам дека е ова краткорочен прекин. Ако Русија сака да се ослободи од санкциите, тоа ќе биде можно само преку исполнување на договорот од Минск. Како што изгледа, досега - ако се изземе договорената размена на заробеници - не е стигнато далеку во тој поглед.

Сепак, разговори се водеа два дена. Како може да се оцени размената на заробеници меѓу украинските владини сили и проруските сепаратисти во Донбас?

Тоа е добар напредок. Станува збор за хуманитарно прашање. Во тој дел успешен беше и Минскиот договор во септември. Но тоа е и единственото што вистински функционира. Зашто, тогаш договорениот прекин на огнот никогаш не се случи. Мислам дека засега е тоа најважното прашање - како да се проретчат борбите за да не се прават обиди за освојување територии на двете страни.

Дали фактот што Украина сега очигледно стреми кон НАТО имаше влијание за пропаѓање на разговорите?

Не верувам и се надевам дека нема влијание. Стануваше збор за тоа да се отстрани пасусот воведен пред само 4 години од страна на Јанукович за блоковска неприпадност. Такво нешто Украина претходно никогаш немала. Претседателот Петро Порошенко рече дека за ова прашање ќе се одржи референдум за седум години, така што тоа практично сега не е на дневен ред.

Последна во низата е новата воена доктрина што ја потпиша Владимир Путин. Во нејзе се оценува дека најголема надворешна опасност за Русија се експанзионистичките стремежи на НАТО. Како ја оценувате оваа доктрина?

Прво, тоа не е реално. Приклучувањето на Украина на НАТО беше одбиено во 2008 година, меѓу другото и од Германија и Франција. Второ, сигурно е лесно можно да се постигне согласност со Русија и да нема приклучување кон НАТО доколку Русија го исполни договорот од Минск и се погрижи тоа да го сторат и проруските сили, како и да биде повторно почитувано меѓународното право. Не верувам дека прва цел би требало да биде прием на Украина во НАТО.

Каква улога сега може да одигра ОБСЕ?

Мислам дека ОБСЕ игра многу ефективна улога, затоа што сите страни во конфликтот се членки на организацијата. Членка е и Русија. ОБСЕ е организација која создава правни предуслови и има неопходен инструментариум за набљудување и за осигурување безбедност. Се надевам дека ОБСЕ, со која сега мудро раководи Швајцарија, е во состојба да создаде неопходна почва за разговори.

Сметате ли дека во Минск повторно ќе се разговара деновиве?

Не знам, но се надевам. Во интерес на сите е тоа да се случи. И се надевам дека има мудрост за продолжување на овие разговори доколку се сака спречување на проширување на конфликтот и доколку, пред се‘ зимава, се мисли на луѓето кои живеат во бегалски кампови и во кризниот регион.

Елмар Брок е претседател на Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент. Од ноември 2013-та тој постојано патува за Киев во обид да посредува во решавањето на кризата.