1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Британски ден“ на Олимпијадата во Лондон

СН/АТ/дпа/ртр/афп5 август 2012

За домаќините на ЛОИ во Лондон осмиот натпреварувачки ден беше „најуспешните 24 часа“ на игрите по цели 104 години. Впечатокот го расипаа фудбалерите на Велика Британија со поразот во четвртфиналето од Јужна Кореја.

https://p.dw.com/p/15kCe
Фотографија: dapd

Британците ја слават „супер саботата“ на Олимписките игри во Лондон. Во текот на вчерашниот осми натпреварувачки ден тие освоија дури шест златни медали, успех кој го немаат постигнато цели 104 години. Три злата Британците освоија во атлетските натпреварувања.

Џесика Енис постер-девојката на игрите во Лондон заедно со 80 илјади гледачи на Олимпискиот стадион ја прослави победата во седмобој. Фаворитката од Велика Британија со 6.955 бодови победи пред Германката Лили Шварцкопф и Татјана Чернова од Русија.

Потоа во скок во далечина нова радост на публиката и приреди Грег Ратерфорд. Тој беше подобар од Мичел Ват од Австралија и од Американецот Вил Клај.

Olympia London 2012 10.000 Meter Männer
Британецот Мохамед Фарах ја скрши доминацијата на Етиопјаните на ОлимпијадитеФотографија: Reuters

Во трката на 10.000 метри стадионот и гледачите на нозе ги крена Мохамед Фарах, кој го освои златото, пред Американецот Гејлен Руп и Тарику Бекеле од Етиопија.

Британците во текот на вчерашниот ден освоија уште три златни медали и тоа женскиот тим во дофатно возење во велосипедизам како и машкиот лесен четверец и женскиот лесен двоец скал во веслање.

Прекрасната успешна слика на вчершниот ден малку беше засенета од неуспехот на фудбалерите на Велика Британија кои по изведувањето пенали загубија од репрезентацијата на Јужна Кореја.

Јамајка со злато на 100 метри кај жените

Тој неуспех ќе биде бргу заборавен доколку денеска Енди Мареј во тениското финале на терените на Вимблдон успее да го освои златото. Мареј нема да има лесна задача со оглед дека противник му е никој друг туку Швајцарецот Роже Федерер кој славеше на последниот тениски турнир на Вимблдон.

Olympia London 2012 100 Meter Frauen
Јамајканката Шели-Ен Фрејзер-Прајс пристигнува прва на целта на трката на 100 метриФотографија: dapd

На програмата на 9. натпреварувачки ден на Олимпијадата е и трката на 100 метри во машка конкуренција во која ќе настапат четворицата најбрзи атлетичари на сите времиња меѓу нив и суперѕвездата од Јамајка- светскиот рекордер Јусеин Болт. Увертира за ова финале беше синоќешната трка на сто метри во женска конкуренција во која олимпиското злато од Пекинг го одбрани Шели-Ен Фрејзер-Прајс од Јамајка, среброто и припадна на Американката Кармелита Џетер, а бронзата на Вероника Кембел-Браун од Јамајка.