1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичарите да го слушнат народот

Марина Максимовиќ / Симе Недевски8 февруари 2014

По повод протестите ширум БиХ се огласи и официјален Брисел, каде може да се чуе и оценката дека протестите се очекуван одговор на населението на неподготвеноста на домашните политичари да ги решаваат основните проблеми.

https://p.dw.com/p/1B5RB
Фотографија: Klix.ba

Од кабинетот на еврокомесарот за проширување, Штефан Филе (на насловната фотографија заедно со водечките политичари во БиХ) беше порачано дека граѓаните на Босна и Херцеговина имаат право своето незадоволство да го изразат преку ненасилни собири: „Жалиме поради големиот број повредени и апелираме до сите актери да избегнуваат насилство и да се вклучат во дијалог за решавање на проблемите“, изјави портпаролот на Филе, Петер Стано.

„Да, народот има право на мирни протести и не смее да биде малтретиран од страна на безбедносните сили“, порача и шефот на делегацијата на Европскиот парламент за Југоисточна Европа, Едуард Кукан.

Тој уште порача: „Најголема грешка е да се занемарува ваквиот развој на ситуацијата во БиХ. Случувањата се појавуваат неселективно. Mасовните собири без преседан ширум земјата не смеат да бидат игнорирани. Ваквите работи мора да се сфатат сериозно, како повик за будење на политичарите во земјата“, вели Кукан упатувајќи апел за смирување на страстите: „Ова не смее да води кон натамошно насилство, бидејќи насилството никогаш не е решение за клучните проблеми во државата“.

Eduard Kukan
Едуард КуканФотографија: DW

„Одговор на неподготвеноста на политичарите да го слушаат народот“

Известувачката на ЕП за БиХ Дорис Пак и самата претстојува во Сараево, каде присуствува на отворањето на фестивалот „Сараевска зима“. Во разговор за ДВ, таа предупредува на хулиганите кои ги искористиле протестите и довеле до ескалација на насилството:

„Ако разговарате со луѓето, тие не сакаат насилство, ни изгорени згради, туку тие сакаат да го изразат незадоволството од секојдневниот живот. Тоа е одговор на неподготвеноста на политичарите да го слушаат својот народ“, вели европратеничката Дорис Пак.

Doris Pack Abgeordnete Europaparlament
Дорис ПакФотографија: Europäisches Parlament

Таа смета дека до ваква ескалација не смеело да дојде, но додава и оти политичарите во БиХ за жал не се разбудиле на време: „Се надевам дека сега ќе разберат. Се надевам дека ова ќе го сфатат како аларм. Дури и ако на улиците има и хулигани со лоши намери, ако разговарате со другите луѓе, ќе видите дека до ова мораше да дојде. Ако политичарите не ги сфатија сериозно претходните протести за единствените матични броеви, сега дефинитивно би требале да поработат на тоа“, вели Пак за ДВ

Иако вели дека таа очекувала ваков развој на настаните, Пак сепак смета дека Брисел е затекнат и изненаден од ескалацијата на протестите, но и оти и натаму сака и може да и’ помогне на БиХ.