Брегзит: Крај на кавгата за бракоразводни трошоци?
29 ноември 2017Колку пари треба да плати Лондон на име на тековни трошоци за членство во ЕУ до 2020. година? Досегашните Брегзит-преговори речиси исклучиво се вртеа околу ова прашање, кое за Брисел имаше третман на предуслов за натамошни преговори околу идните односи меѓу ЕУ и Велика Британија.
Се чини дека сега е постигнато приближување: британските медиуми јавуваат дека двете страни во основа нашле заеднички јазик. „Дејли телеграф“ пишува дека завршната сметка би требало да изнесува помеѓу 45 и 55 милијарди евра. ЕУ настапуваше со побарување од 60 милијарди евра. „Фајненшл тајмс“ известува дека Велика Вританија прифатила вкупни обврски во висина до 100 милијарди евра, но целосната нето-сума, пресметана на повеќе години, на крајот се редуцира на половина.
Пробивот во финансиските прашања би бил важен напредок во преговорите кои течат од јуни. Но, официјалните гласови за наводното усогласување уште се многу воздржани. Европската комисија одби да даде изјава. Британски владин претставник за новинската агенција Ројтерс изрази сомнеж во споменуваните бројки. Британското министерство за Брегзит, на барање на новинската агенција АФП, одговори дека интензивните дискусии за наоѓање решение продолжуваат оваа недела во Брисел.
На 14 и 15 декември во Брисел се одржува самит на ЕУ. На последната годинешна средба на шефовите на држави или влади треба да се утврди финансиската страна на „разводот“, во спротивен случај се доведува во прашање временскиот план за Брегзит. Покрај паричното прашање, треба да се договорат и идните права на 3,2 милиони ЕУ-граѓани во Велика Британија и дилемите околу идната граница меѓу Ирска и британската провинција Северна Ирска. Велика Британија планира да ја напушти ЕУ во март 2019. година.