1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брегзит економски нелагоден и за Македонија!?

Костадин Делимитов24 јуни 2016

Британија надвор од ЕУ не е директна закана за македонската економија, но индиректно последиците дефинитивно ќе се почувствуваат, коментираат упатените!

https://p.dw.com/p/1JCRC
Фотографија: picture-alliance/dpa/R.Peters

Воздржаност но и сериозна загриженост владее во економските кругови во Македонија по веста дека Велика Британија ја напушта ЕУ. Во првичната паника која веќе е присутна на светските берзи, добрата вест е што македонската економија е врзана за еврото, како валута чија вредност паѓа но не со толкав динамичен ефект како британската фунта која достигна најниска вредност во изминативе три децении. Експертите и бизнисмените со кои што разговараше Дојче веле се претпазливи во своите оценки. Велат, не е добро ова што се случува ако се има предвид фактот дека Велика Британија е еден од главните трговски партнери но и земја со посериозен обем на инвестиции во Македонија. Стравот е очигледен, иако барем засега не се очекуваат посериозни директни импликации:

„Постои сериозна загриженост од ова што се случи, но како тоа ќе се одрази е прерано да се прогнозира. Дефинитивно дека ќе се вршат анализи бидејќи Британија е наш значаен трговски партнер. Многу е важно какви се договорите за трговската размена на секоја од компаниите со оглед дека фунтата драматично е во опаѓање. Но и вредноста на еврото еве гледаме дека се намалува иако не драматично. Ќе беше катастрофа ако бевме закачени на фунтатат, но вака, мислам дека последиците нема да бидат драматични“, коментира Антони Пешев ,претседател на управниот одбор на Стопанска комора на Македонија.

Последици ќе има

Бурната британска ноќ предизвика хаос и паника на светските берзи. Македонскиот пазар на капитал е мал и статичен но дефинитивно дека ќе ги почувствува глобалните турбуленции:

„На македонскиот пазар засега нема ефекти, а лично не ни очекувам да се случи нешто позначајно со оглед на состојбите кај нас. Во услови на безмалку замрен пазар на капитал и да има потоп во светски рамки кај нас ефектите би биле речиси никакви. Но дефинитивно дека негативниот сентимент може да се почувствува но тоа би било лимитирано со оглед и на реалните ефекти што би ги почувствувала македонската економија. Мислам дека долгорочно позагрижувачки би биле политичките, а не економските импликации. Драмата на пазарите ќе заврши, тоа е перцепција на инвеститорите“, смета Андреј Пулејков берзански аналитичар и директор во „КБ Публикум инвест“.

London EU Referendum Brexit Wirtschaft Börse David Cameron
Фотографија: Reuters/R. Boyce

Македонија има тренд на зголемување на трговската соработка со Британија. Ако до неодамна важеше за трет, податоците за годинава покажуваат дека Британија сега е втор трговски партнер, веднаш зад Германија. Новата состојба ќе значи и ново прилагодување за домашните извозници кои сепак не очекуваат посериозни импликации:

„Не очекувам дека ќе има посериозни импликации врз извозот што го реализираме на Британскиот остров. Ова што сега се случува е паника која очекувам дека наскоро ќе се смири и не очекуваме дека би имало последици, барем не во нашата бранша“, изјави за Дојче веле Ѓорѓи Петрушев директор на здружението „Вина од Македонија“.

Сепак, според упатените, турбуленциите ќе имаат ефект, посебно во делот на извозот на Македонија чиј биланс доминантно зависи од фабриките во слободните економски зони. Таму функционира и една од најголемите британски инвестиции во земјата „Џонсон Мети“ чии производи се доминантни во нето извозот од Македонија. Оваа компанија најави дека во следните години планира двојно да го зголеми извозот. Но дали и колку сега тоа е и реално да се очекува не сака никој да прејудицира.

Бран на протекционизам?

Излезот на Велика Британија од ЕУ значи и напуштање на договорите за трговија, што пак индиректно ќе значи и дополнителен период на утврдување нови правила на игра. Посебно во делот на економијата. Во вакви услови сигурно дека и Македонија ќе треба да потпишува нови договори освен доколку земјите од Островот не добијат статус на ЕФТА:

„ Сега на Велика Британија и следи најмалку 6 месеци до 1 година за редифинирање на односите со партнерите од ЕУ. Ќе мора да има редефинирање и ново утврдување. Во овој процес Македонија ќе биде последна зона на интерес и тоа е нормално. Но ние ќе мора да се прилагодиме“, вели Пешев.

Со ваквиот исход од референдумот насоката на движење на меѓународните пазари на капитал според Пулејков е очекувана, меѓутоа никој со сигурност не може да го предвиди нејзиниот интензитет:

„На краток рок тоа ќе се одрази и врз забавување на економскиот раст во Обединетото Кралство, меѓутоа прашањето е дали на долг рок ќе има некави придобивки од ваквата одлука или не. Многу економски аналитичари сметаат дека не“, смета Пулејков

Дел од упатените предупредуваат дека консензусот и верувањето на политичките елити за економските придобивки од глобалната интеграција на земјите кој што беше карктеристичен изминатите 30 години полека го снемува. Евроскептицизмот кој е присутен кај обичните граѓани во добар дел го сметаат за резултат на нерамномерната распределба на доходот, што веќе подолг период е карактеристика и за Македонија каде се` повеќе расте јазот помеѓу богатите и сиромашните, а средната класа полека но сигурно ја снемува.

„Да се надеваме дека не е на повидок бран на зголемен протекционизам и напуштање на политиката на отворени граници (преку анти-имиграционите движења насекаде во Европа) “, коментира Пулејков.