Соништата на политичарите и реалноста на стопанствениците
30 мај 2016Лидерите на процесот „Брдо-Бриони“ потврдија дека стабилноста е „клуч за огромниот потенцијал во Југоисточна Европа“ и „гарант за нејзината консолидација во ЕУ“. Се обврзаа оти ќе градат меѓусебна доверба, ќе промовираат вистина и владеење на правото, ќе си помагаат меѓусебно во процесот на европските и НАТО-интеграции, ќе ги решаваат преостанатите отворени прашања и ќе се воздржат од реторика која може да ја зголеми напнатоста и да создаде политичка нестабилност. Ветија дека ќе бараат решенија за глобалните закани - мигрантската криза и тероризам, ќе го спречат заминувањето на младите од регионот, ќе инсистираат на родова еднаквост, и ќе ја подобрат економската конкурентност. Најавија унапредување на регионалните врски низ заеднички енергетски, транспортни и други проекти, а сето тоа преку имплементација на европските стандарди.
Критичарите, меѓутоа, забележаа дека и за време на самитот имаше јасни знаци оти политичките изјави и „балканскиот список на желби“ се далеку од реалните можности, оти практичното делување на одделни лидери често не е во согласност со прокламираните цели и дека овдешните политичари нерадо се откажуваат од провокативната реторика. Членот на Претседателството на БиХ од Република Српска, Младен Иваниќ, остро му забележа на Претседавачот на Претседателството Бакир Изетбеговиќ што на конференцијата за новинари по самитот „Брдо-Бриони“ го поддржа бањалучкиот бискуп Фрањо Комарица кој деновиве трпи жестоки српски критики поради споредување на Бања Лука и Блајбург. Поради тоа, порача Иваниќ, неговите идни реакции „никого не би требало да го изненадат“.
Претседателот на Србија, Томислав Николиќ, и претседателот на Косово, Хашим Тачи седнаа на иста маса, заедно со лидерите на БиХ, Црна Гора, Македонија, Хрватска и Словенија, а меѓусебно речиси и да не комуницираа. И додека Тачи, по полагањето цвеќе нај споменикот на убиените деца во Сараево, повика на конечно нормализирање на односите и меѓусебно признавање на Косово и БиХ, Николиќ на посебна конференција за новинарите зборуваше за тоа како во минатото бил спречен да дојде во Сараево „бидејќи не можеле да му гарантираат безбедност“. Сепак, официјална посета на БиХ најави за наесен.
Одделни медиуми забележаа дека претседателката на Хрватска Колинда Грабар-Китаровиќ овојпат со Николиќ „само се ракувала“, додека со Тачи се „бакнала два пати“. Во „отворена дискусија“ со Николиќ, Грабар-Китаровиќ рече дека Хрватска не го блокира патот на Србија кон ЕУ, но „инсистира на спроведување на сите Копенхашки, Мадридски и останати европски мерила и исполнување на обврските од Договорот за стабилизација и придружување“.
Политичкото влијание на актерите на војната
Новинарката на магазинот „Старт БиХ“, Рубина Ченгиќ за ДВ истакнува дека и сараевскиот самит на процесот „Брдо-Бриони“ покажал колкава е недовербата во БиХ и во регионот. Неуспехот на политичарите, вели таа, се должи на незнаењето, неодговорноста и криминалот. „Политичарите не знаат и не им е важно да пронајдат пат кон подобро утре за своите земји и регионот во целина. Наместо нагласување на сличностите, заедничките потреби и можностите за соработка, тие упорно инсистираат на различностите и минатото. Во регионот се сѐ уште влијателни актерите од минатата војна, ако не лично, тогаш како политички партии“, вели Рубена Ченгиќ.
Учесниците во процесот „Брдо-Бриони“ во рамките на заедничкиот панел „Договор за нова ера“, присуствуваа и на „Самитот на сто бизнис лидери од Југоисточна Европа“. Средбата протече во размена на искуства на евроатлантскиот пат и со понекој приговор. Томислав Николиќ му забележа на црногорскиот претседател Филип Вујановиќ за тоа дека граничните спогодби со Косово, ги договара со владата во Приштина, а не со онаа во Белград. Вујановиќ не се осврна на таа забелешка а своето обраќање пред бизнисмените од регионот го искористи да најави борба за трговски олеснувања во рамките на ЦЕФТА (Договор за слободна трговија).Македонскиот претседател Ѓорге Иванов, сликовите објасни дека во „ море со ајкули, најдобро се опстанува во јато“, сугерирајќи јакнење на економските врски во регионот. Можност за засилување на таквите врски албанскиот претседател Бујар Нишани гледа во јадранско-јонскиот коридор, поради кој Западниот Балкан го нарече „регион на иднината“.
Меѓу економистите нема суштински проблеми
Аналитичарите сметаат оти „Самитот на сто бизнис лидери од Југоисточна Европа“ и другите слични регионални средби на водечките бизнисмени претставуваат „одлична можност за натамошно вмрежување на економистите“, при што политиката би требало да го трасира патот на економијата, а не да го отежнува со разни бариери. Тузланскиот економски стручњак и директор на здружението „Мулти“, Адмир Чавалиќ, вели дека меѓу регионалните економисти никогаш немало суштински проблеми кога е бизнисот во прашање.
„Ако ја погледнеме историјата на економските односи меѓу државите од Југисточна Европа, ќе видиме дека кочница за напредокот може да биде само политиката - и тоа во форма на реципрочни блокади и отежнување на економските односи. Сеедно, заедничката визија за ЕУ-интеграција, условува отворање на границите и натамошно поврзување на тукашните економии, со што се реализира т.н. ’Југосфера’ на Тим Џуда. Покрај можноста за реализирање на заеднички проекти, ваквите средби би требало да пратат уште една во низата пораки за иманентност на економската соработка меѓу државите од Југоисточна Европа. Домашните пазари едноставно се премногу мали за бизнис, така што мора да се тежнее кон регионални, но и глобални економски интеграции. Најголемото значење на Самитот е во испраќањето позитивни пораки, втемелени на вистински економски интерес, пред сѐ во областа на енергетиката. Иако бизнисот се одвива и без самитот, потребно е одвреме-навреме да се покаже значењето на наведеното во процесот на регионална интеграција“, вели Чавалиќ за ДВ.
По завршувањето на самитот „Брдо-Бриони“, на македонскиот претседател Ѓорге Иванов во Сараево му беше доделена „Наградата Иса бег Исаковиќ“. Комитетот за доделување на наградата во Иванов препозна личност која ги „истакнува заедничките вредности на регионот“. Домаќин на процесот „Брдо-Бриони“ во 20917 година ќе биде Македонија.