Бразилски кошмар
22 мај 2014„Една недела“, рече претставникот на градските власти. Кога ќе истече овој рок на теренот ќе дојдат багери. Жеронимо Оливеира раскажува со тивок глас: „А кога дојдоа, беа исклучително брутални, немаа никакво разбирање за нас“. 72-годишниот Бразилец седи во дворот на едно напуштено училиште. Деца овде повеќе нема, исчезнаа заедно со својата населба Камарагибе. Овде до неодамна живееја 480 семејства, а сега багерите го подготвуваат теренот за изградба на нова сообраќајница со повеќе ленти. Таа би требало да го поврзе автобускиот терминал во предградието на севернобразилскиот град Ресифе со стадионот на кој ќе се играат натпревари од Светското првенство во фудбал. Мина веќе половина година откако Жеронимо мораше да го напушти својот дом. Сѐ уште се бори за исплата на целосна отштета. Требаше да добие околу 15 илјади евра, а и тоа е премалку, смета тој. Пазарната вредност на неговата куќа беше трипати поголема, тврди тој , но сепак е среќен што барем добил поголем дел од отштетата. Многу негови поранешни соседи и натаму чекаат на тоа. Во бразилската бирократска џунгла парите кои на располагање ги стави сојузната влада во Бразилија, едноставно, од необјасниви причини, не пристигнуваат на вистинските адреси. „Веќе со недели, секој ден одам во надлежните служби. Но таму сите само не‘ утешуваат“, се жали Аџулма Переира. 42-годишната мајка на две дец со бес и тага гледа на урнатините на нејзиниот поранешен кварт. Некои луѓе живееја таму и преку половина век.
Расчистено заради приватни проекти?
Прашање е дали сообраќајницата воопшто ќе биде завршена до почетокот на СП. Едно нешто меѓутоа е сигурно: таа ќе го поврзе „Мундијалскиот град“ (Cidade da Copa) , каде се наоѓа стадионот со центарот на Ресифе. Околу фудбалската арена среда тропската шума се градат луксузни апартмани, канцеларии и трговски центар.
Организациите како Граѓанскиот одбор на Ресифе критикуваат дека со јавни средства се финансира инфраструктурата за приватни проекти. На Жеронимо тоа не му пречи. И тој смета дека патот е важен за развојот на регионот, но додава дека властите се некомпетентни. „Најнапред требаше во детали да го испланираат проектот, потоа да им исплатат отштета на погодените граѓани и дури потоа да почнат да радат. Во тој случај ќе ги немаше сите овие проблеми“, вели Жеронимо.
Според наводите на невладините организации за проектите кои се реализираат за СП во фудбал присилно се преселени 250 илјади луѓе. Тоа се случува и во поголемите градови како Сао Паоло. Пред две години во фавелата Бирасо Куенте во самиот центар на метрополата се прошири веста дека оваа населба ќе биде „отстранета“.
Квартот едноставно се наоѓаше на трасата на новата линија на локалниот железнички сообраќај која требаше да го поврзе градскиот аеродром во Сао Паоло со стадионот на истоимениот фудбалски клуб. Меѓутоа натпреварите од Мундијалот ќе се играат на стадионот на другиот градски клуб- Коринтијанс, ама пругата сепак ќе се гради и таа во мрежата на јавен превоз најнапред подобро ќе ги поврзе побогатите населби на Сао Паоло.
Премали отштети
Џеилсон Сампајо (насловна фотографија) изгледа трезвено иако штотуку стои над остатоците од својата куќа. Таму живееше 25 години а сега како социјален работник им помага на поранешните соседи. За 400 семејства во Бурас Куенте сега постојат две опции, раскажува Сампајо.
Тие можат да примат отштета во висина од максимални 40 илјади евра или можат да се одлучат за опцијата, градските власти финансиски да им помагаат во покривањето на станарината за социјалните станови кои се ветени уште пред две години.„Овде повеќе никој не верува дека тие станови ќе бидат изградени“, вели 28-годишниот Џеилсон. Речиси сите жители се одлучија за паричната отштета а и за неа мораа да се борат со месеци. Станува збор за луѓе како Терезиња Соуза, која повеќе од 54 години живее во Бурасо Куенте и важи за гласноговорничка на фавелата.Околу 28 илјади евра изнесува нејзината отштета. Премалку пари за пронаоѓање на живеалиште во близина. 65-годишната жена не знае дали ветените пари ќе ги види некогаш. Стравува дека наскоро ќе ја дели судбината на своите соседи и оти ќе мора да се пресели во предградијата на Сао Паоло. Нејзината куќа беше последна урната во поранешната населба Бурасо Куенте.