Бразил и Колумбија во четвртфиналето на Мундијалот
29 јуни 2014Репрезентацијата на Бразил го доби првиот вчерашен јужноамерикански двобој на Светското фудбалско првенство, откако беше поуспешна од Чиле со 3:2 дури по изведување пенали. Интересен, динамичен и со многу шанси натпревар одиграа двете репрезентации кои покажаа дека заслужено се најдоа во осминафиналето, но само за една од нив имаше место меѓу осумте најдобри.
Бразил прв поведе во 18.минута со голот на Давид Луиз. Само 14 минути подоцна Чилеанците преку Алексис Санчез изедначија и на паузата се отиде со нерешен резултат.
Темпото не падна ниту во второто полувреме. Чилеанските репрезентативците не потклекнаа на притисокот од домаќинот, кој се обиде во последните 20-ина минути да постигне втор гол и натпреварот отиде во продолженија.
Во дополнителните 30 минути се играше нешто повнимателно, а најголемото возбудување се случи во 120. минута кога напаѓачот на Чиле Пинила ја погоди пречката на голот на Жулио Цезар. Среќата на Чилеанците не им беше наклонета, исто како и при последниот пенал кога топката од дирекот се одби во поле.
Фудбалерите на Колумбија пак во второто вчерашно осминафинале го совладаа Уругвај на „Маракана" во Рио де Женеиро со 2 спрема 0 и се пласираа во четвртфиналето на Мундијалот во Бразил.
До првото четвртфинале во нивната историја, Колумбијците ги предводеше младиот Џејмс Родригез, кој ги постигна двата гола. Со погодоците во 28. и 50. минута од натпреварот со Уругвај, Родригез се искачи на врвот на листата најдобри стрелци на Мундијалот, со пет погодоци. Колумбија во четвртфиналето ќе се сретне со домаќинот Бразил.