Бразил: да за фудбалот, не за ФИФА
5 март 2014Фудбал да, ФИФА не- оваа куса парола најдобро ја опишува атмосферата во Бразил. И покрај бројните проблеми со подготовката за големиот настан, интересот за фудбалскиот фестивал е огромен: досега се продадени 2,3 милиони билети. На последната лотарија на крајот на февруари повеќе од 13 милиони навивачи се пријавија за билет.
Луиз Теренци од Бело Хоризонте е меѓу 900- те илјади бразилски среќници кои стигнаа до билет за првенството. Втора земја, според бројот на купени билети се САД, чии државјани досега добиле повеќе од 125 илјади. Следуваат Колумбија со 60 илјади и Германија со 55 билети за мечевите. Аргентинците досега купиле околу 54 илјади билети.
На Мундијалот се очекуваат околу 600 илјади навивачи од странство. Големото мнозинство гледачи на стадионите сепак ќе бидат домашни: околу три милиони Бразилци ќе ги следат натпреварите. Тоа задоволство ќе ги чини околу шест милијарди евра, пресметале во бразилското туристичко биро. Од странските навивачи се очекува прилив од околу две милијарди евра.
Опаѓа поддршката за првенството
„Се радувам што ќе имам можност да ги гледам мечевите тука, но не сум среќен поради тоа што првенството се одржува во нашата земја“, вели Луиз Теренци. 47-годишникот купил билети за пет натпревари на стадионот во Бело Хоризонте. Мнозинството Бразилци ги делат измешаните чувства на Теренци. Според анкетите, мало мнозинство од 52 проценти од испитаниците во земјата го поддржуваат одржувањето на СП. За време на одржувањето на Купот на конфедерациите минатата година, поддршката беше околу 65 проценти. Големото незадоволство се должи на инвестициите во милијарди евра во изградбата на инфраструктурата за првенството. Владата досега потрошила околу осум милијарди евра за изградбата на нови стадиони, а дополнителни 1,1 милијарди биле обезбедени од приватни инвеститори.
„Контрадикторно е да се инвестираат пари во стадиони, во ситуација кога тие недостасуваат на многу поважни места“, смета студентот Фелипе Аленсар од Сао Паоло, кој редовно зема учество на сите демонстрации против Мундијалот. За него нема дилеми: „Народот нема ништо од СП. Луѓето не можат да си дозволат да купат билети, затоа што тие се прескапи“.
СП во корупција!
Многумина во невладиниот сектор одат и чекор понатаму со обвинувањата. „Светското првенство служи како оправдување за измами со градежните проекти кои не се за општо добро“, смета Орландо дос Сантос Жуниор, член на националниот комитет за социјално движење. „Немам дилеми дека арената во Манаус ќе биде завршена навреме, но дали Бразил навистина има интерес да има фудбалски стадион во Амазонија?“
И покрај сите проблеми со изградбата на стадионите и инфраструктурата и обвинувањата за корупција, многу Бразилци сакаат да уживаат во првенството. Фудбалскиот „крал“ Пеле ги повика своите сонародници да не протестираат за време на одржувањето на првенството. И покрај тоа што со својот повик, Пеле доби многу непријатели меѓу незадоволните, сепак, мнозинството Бразилци го прифатија неговиот повик. Анкетите покажуваат дека 63 отсто од Бразилците не поддржуваат протести за време на првенството. Само 15 проценти од испитаниците велат дека би учествувале во демонстрации. И покрај тоа, јасно е дека радоста за големиот настан опаѓа. Кога денес Бразил би се кандидирал за домаќин за СП во фудбал, 50 проценти од граѓаните би биле против.