1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бразил-Германија: Нечиј сон ќе мора да заврши

Ј. Вебер/Б. Георгиевски8 јули 2014

Полуфиналниот дуел меѓу Бразил и Германија е повеќе од фудбалски меч. За многумина, тоа е финале пред финалето, во кое, големиот сон на една од двете селекции ќе заврши предвреме

https://p.dw.com/p/1CY1b
Фотографија: Reuters

Патот од аеродромот во Бело Хоризонте до стадионот Минеирао води преку широк, нов автопат. За разлика од многу други инфраструктирни проекти, овој заврши навреме, пред почетокот на СП. На патот кон центарот на 2,5 милионскиот град сѐ уште можат да се видат остатоците од урнатиот мост, кој однесе неколку човечки животи. Трагичната несреќа го смени расположението во Бело Хоризонте, и можеби, според дел од локалните жители, тоа е лош предзнак пред полуфиналето. Натпреварот, кој започнува во 17 часот, според локално време, е прв дуел на двете репрезентации во полуфиналето на едно Светско првенство.

Бразил сонува за „Хекса“, шестата титула, уште откако им беше доделена организацијата на првенството во 2007 година. Но, евентуалниот пораз против Германија, ќе биде болно за нацијата. Не само што Германија е тежок противник, туку Бразил се соочува со бројни проблеми.

Fußball WM 2014 Luiz Felipe Scolari Trainer Brasilien
Луиз Фелипе СколариФотографија: picture-alliance/dpa

Повредата на ѕвездата Нејмар стана национален проблем, а зависноста на тимот од неговата игра, прашање за кое насекаде се дискутира. Дополнително, тука е и суспензијата на капитенот Тиаго Силва. Бразилската фудбалска федерација безуспешно се жалеше на неговата суспензија. Многумина тука веруваат дека доколку Бразил загуби од Германија, луѓето масовно ќе излезат на демонстрации, како што често се случуваше пред почетокот на турнирот.

Без Нејмар, за Нејмар

Иако нештата не изгледаат добро за домаќините, во репрезентацијата тврдат дека загубата на Нејмар ќе го зближи и мотивира тимот.

„Тажни сме поради загубата на Нејмар, но тоа ни дава сила во нашиот обид да стигнеме до финалето и да станеме светски прваци“, вели напаѓачот Вилијан, кој најверојатно ќе го замени Нејмар во стартната постава.

Fußball WM 2014 Training Brasilien
Вилијан и Луиз Густаво на еден од последните тренинзиФотографија: picture-alliance/dpa

„Нашиот број 10 ќе биде со нас“, вели селекторот Луиз Фелипе Сколари, „доколку е во состојба ќе биде на клупата, или на трибините“. Сколари веќе еднаш ја победи Германија. Пред 12 години во Јокохама, тој го предводеше Бразил во победата над Германија во финалето на СП од 2:0.

Трета среќа за Германија

Но, историјата не кажува многу за актуелната ситуација. Освен Мирослав Клозе, ниту еден член на актуелната германска репрезентација не беше дел од тој тим. Од СП во 2006. се појави нова генерација германски фудбалери кои по два полуфинални неуспеси сега се надеваат дека можат до титулата.

„Навистина сакаме повторно да играме на стадионот Маракана, на 13 јули. Сѐ уште не сме завршиле“, вели Лев. „Ќе изработиме добар план и ќе се бориме против Бразилците. Во моментов шансите се 50-50“.

Fußball WM 2014 Deutschland Training
Јоахим ЛевФотографија: picture-alliance/dpa

Во пресрет на мечот, Лев не сака да открива ништо околу составот и тактичките варијанти. Капитенот Филип Лам веројатно ќе продолжи на позицијата десен бек. „Променливоста и флексибилноста не доведоа до полуфиналето. Бидете спокојни, имаме уште опции на располагање“, вели Лев. Една од можните варијанти е Томас Милер да се врати на позицијата централен напаѓач на местото на Клозе кој не беше во добра форма против Франција. Добрата веста за Германија е што Бастијан Швајнштајгер и Сами Кедира полека се враќаат во форма, откако го започнаа турнирот повредени. Швајнштајгер вели дека е подготвен и за 120 минути, доколку е тоа потребно.

Но, ваквите изјави се вообичаено „покажување мускули“ пред важни натпревари. Она што е сигурно е дека за една од овие две репрезентации вечерва ќе заврши големиот сон.