Бошковски е во Хрватска – би се вратил, ако му биде вратен имунитетот?!
8 мај 2004Во изјава за хрватската телевизија тој ги отфрли обвинувањата дека е одговорен за ликвидација на 7-мина економски емигранти од Пакистан и Индија. Бошковски покрај другото рече: “Тоа апсолутно го одбивам, не е точно, фактите говорат нешто друго. Фактите говорат дека во тоа време, во 2002-ра година, работевме заедно - македонската тајна служба со пријателски западни служби и заедно учествуваме во борбата против глобалниот тероризам. За тоа постои ЦеДе-РОМ на кој се снимени разговорите меѓу Пакистанците и албански милитанти од групата Ал Каеда, кои договараат напад на американската амбасада во Скопје”.
Хрватската телевизија не наведе кога и каде е направен разговорот, но во интервјуа во денешните изданија на хрватските весници се тврди дека разговорите со него се направени во Загреб. Бошковски истакнува дека не е во бекство и вели дека ќе побара помош од Хрватска во решавањето на случајот.
Хрватското Министерство за внатрешни работи претходно потврди дека преку Интерпол примило потерница по Бошковски, но не може да го уапси бидејќи тој има и хрватско државјанство. Портпаролот на Министерството Златко Мехун вчера изјави дека не е познато каде се наоѓа Бошковски.
Инаку, вчера портпаролот на Министерството за правосудство на Хрватска Весна Добраниќ за Дојче Веле рече дека се‘ што е во врска со случајот Бошковски мора да се решава во Хрватска.
“Ако ми го вратат имунитетот, ќе се вратам во Македонија за да ја докажам невиноста на моите генерали кои се уапсени", вели Бошковски во разговорот за весникот “Вечерњи лист”. Тој уште тврди дека хајката против него во Македонија започнала по телевизиско интервју во кое тврдел дека Бранко Црвенковски ја турка земјата во ретроградни процеси, оти ја поддржале македонските медиуми кои го прогласиле за злосторник и ги поништиле сите негови заслуги, зашто им бил потребен спектакл. Бошковски вели дека од Македонија отишол истиот ден кога му бил одземен имунитетот. На прашање зошто бега ако е невин, Бошковски одговара: “Заради своја сигурност. Добив закани дека ќе бидам физички ликвидиран".