1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Босна со емоции го следи судењето на Младиќ

Самир Хусеиновиќ / Александар Методијев / миа17 мај 2012

Почетокот на судењето на Ратко Младиќ во БиХ се следи со големо внимание и различни емоции. Иако долго го чекаа судењето, многу преживеани сметаат дека ниту една пресуда на Младиќ не може да ја задоволи правдата.

https://p.dw.com/p/14wwQ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Денеска (17.05.) во Хашкиот трибунал продолжува судењето на Ратко Младиќ, кога ќе биде завршен воведниот збор на обвинителството. Главниот обвинител на Хашкиот трибунал Серж Брамерц вчеравечер изјави дека е уверен оти Ратко Младиќ ќе има фер судење, оценувајќи дека станува збор за „мошне важно“ судење, со оглед на тоа дека тоа е продолжение на процеси, кои се веќе водени пред Трибуналот. Обвинителството е на став дека Младиќ, како највисок командант на босанските Срби, со Радован Караџиќ, кого Брамерц го нарече „архитект на политиката на етничко чистење“, бил дел од истиот злосторнички чин.

Случувањата во хашката судница вчера (16.05.) членките на здружението „Мајките од Сребреница“ имаа намера да ги следат во Меморијалниот комплекс Поточари, но непосредно пред телевизискиот пренос во комплексот снема струја. Тоа ја зголеми тагата за жртвите убиени во јули 1995-та година.

Иако очекуваат Ратко Младиќ да биде осуден на доживотен затвор, многу сребреничанки веруваат дека ниту една пресуда во овој случај не може да ја задоволи правдата.

„Колку и да го казнат, тоа нема да ги врати нашите најмили. Како ќе ми биде задоволена правдата, кога ми убија три сина, мажот, братот... Не морам понатаму ништо да ти зборувам“, вели една жена од Сребреница.

Niederlande Verfahren von Ratko Mladic
Ратко Младиќ во судницата на Хашкиот трибуналФотографија: picture-alliance/dpa

Заканите на Младиќ во судницата

На почетокот на судењето, Ратко Младиќ со непримерни гестикулации, минувајќи со прстот преку вратот (покажувајќи сечење глава, н.з.), се обиде да ги испровоцира претставниците на здруженијата од Сребреница кои го следеа процесот од галеријата на хашката судница. Претседателката на здружението „Движење на мајките од енклавите во Сребреница и Жепа“ Мунира Субашиќ му возврати со прекрстени раце, покажувајќи му дека има лисици.

„На почетокот на судењето ја покажа книгата на кралот Петар, аплаудираше, а потоа со минување на прстот преку вратот ни покажа дека ќе не коле. Јас од публика му покажав дека без оглед на се’, уште долго ’ќе свири клавир’. Тој нам така ни порача дека не се покајал и дека е подготвен за нови злосторства“, забележува Мунира Субашиќ.

Различни емоции во БиХ

Граѓаните на Сараево го поздравуваат почетокот на судењето на Ратко Младиќ и се надеваат дека тој ќе дочека донесување пресуда.

„Се надевам дека ќе доживее пресуда и дека правдата ќе биде задоволена“, вели еден жител на Сараево. Во Бања Лука, пак, главно не му веруваат на Хашкиот суд, а не се убедени ниту во вината на Младиќ. „Тој го бранеше својот народ“, вели еден жител на Бања Лука.

Во одредени интелектуални кругови во БиХ се зборуваше дека судењето на Ратко Младиќ и доказите кои ќе бидат обелоденети би можеле да бидат основа за ревизија на тужбата на БиХ против Србија. Но, агентот на БиХ пред Хашкиот суд Сакиб Софтиќ не верува дека тие докази ќе бидат доволни. Тој смета дека поради недостаток на политичка волја „БиХ не е подготвена да вложи ниту една конвертибилна марка во таа постапка“.

Niederlande Verfahren von Ratko Mladic
Протести пред зградата на судот во ХагФотографија: picture-alliance/dpa

„Штета што правдата не го доживеа судењето на Младиќ“

Директорот на агенцијата „Сенс“ Мирко Кларин вели дека злосторствата за кои се обвинува Младиќ во голема мерка се веќе пресудени на претходните судења на неговите потчинети, како и дека обвинителството сега останува да ја докаже личната одговорност на Младиќ. Кларин смета дека ова судење би можело да има многу поголеми последици за БиХ и регионот доколку се случело во 96-та или 97-ма година. „Мислам дека БиХ и целиот регион денес изгледаат поинаку“, рече Кларин.

Многу медиуми директно го пренесуваа текот на судењето, а за процесот се расправаше и на интернет форуми, блогови и на социјалните мрежи. Коментарите се различни, а во еден од нив по наслов „Штета што правдата не го доживеа судењето на Младиќ“ се истакнува дека судењето е поважно за меѓународната заедница, која сака да си ја „измие совеста“, отколку што им е на роднините на жртвите на злосторствата.