1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Босна останува протекторат“

9 септември 2009

Статијата во весникот „Ноје цирихер цајтунг“ се осврнува на актуелната дебата околу укинувањето на високиот претставник на меѓународната заедница за Босна и Херцеговина. На истата тема пишува и весникот „Ди пресе“.

https://p.dw.com/p/JYl8

„Високиот претставник за Босна ќе мора да остане и трансформацијата на неговото биро во претставништво на ЕУ ќе се одложи за подобри времиња. Ова е заклучокот, што го пренесува заменик раководителот, Рафи Грегориан. Овој американски дипломат исто така нагласува дека патот на Босна и Херцеговина кон НАТО и ЕУ е блокиран се’ додека на земјата и’ е неопходен меѓународен надзор. Тој исто така оценува дека внатрешнополитичката клима се влошила во изминатите три години, за што одговорноста ја сносат тамошните политичари. Со максималистички барања и сеење недоверба меѓу населението, тие речиси потполно го изблокирале политичкиот систем.

Така, се’ зборува дека Советот за имплементација на мирот, во ноември, нема да се изјасни за укинување на високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ. Ова тело, во кое седат големите земји од ЕУ, како и САД и Русија, не смета дека се исполнети условите за тоа. Притоа, мислењата околу ова чувствително прашање се всушност различни. Многу елементи зборуваат дури во полза на тврдењето дека високиот претставник, во меѓувреме, станал дел од проблемот, наместо да придонесува за негово надминување. Членките на ЕУ имаат различни ставови, а официјален Вашингтон се залага за продолжување на мандатот“, пишува „Ноје цирихер цајтунг“.

И австриски „Ди пресе“ се осврнува на дебатата за укинувањето на високиот претставник во БиХ, па вели: „Денешната слика на Босна ја карактеризира мешавина од старо и ново, од градење и разурнување. Во главниот град Сараево, на пример, се редат едни по други урнатини со изрешетани ѕидови и модерни станбени зданија. На поправање, меѓутоа, не чекаат само урнатините од војната, туку и бројните реформски зафати на политички план.

Врз плеќите на БиХ тежи и многу комплициран управен апарат создаден со Дејтонскиот мировен договор од 1995 година. А тука се и постојаните конфликти, во кои се вмешани голем број политичари. Пример за тоа е фактот што Мостар веќе 10 месеци нема градоначалник. Високиот претставник на меѓународната заедница Валентин Инцко дури им ги укина буџетските средства на локалните власти за да ги натера политичарите во градот да најдат решение. Проблеми има и во градот Брчко на североистокот од земјата, на кој право полагаат сите три ентитети - Бошњаците, Хрватите и Србите. Како компромисно решение градот е прогласен за неутрален дистрикт и со него раководи централната управа.

Цели 14 години по војната земјата ја оптоваруваат голем број нерешени проблеми, од банални - како дизајнот на заедничкото знаме, па се’ до многу поважните - како обединувањето на инфраструктурата. Тука е и поделбата на државната сопственост меѓу деловите на федерацијата, што е патем и важен предуслов за укинувањето на високиот претставник. Експертот Ведран Џихиќ смета дека ЕУ е единствената шанса за БиХ. Тој, меѓутоа, се жали дека кај ЕУ не гледа голема готовност да се занимава со Босна, туку повеќе тенденција решавањето на проблемите да се одложува на подолг рок“, читаме во статијата на австриски „Ди пресе“.

Автор: „Ноје цирхер цајтунг“ / „Ди Пресе“ / Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска