Босна и Херцеговина чекор поблиску до ЕУ
20 септември 2016Шефовите на дипломатии и министрите за европски прашања на земјите-членки на Европската Унија денеска на седницата на Советот за општи работи на Европската унија, со која претседаваше делегираниот министер на Владата на Република Словачка, Иван Корчок, го прифатија барањето на Босна и Херцеговина за членство во Европската унија и даден ѝ е налог на Европската комисија за подготовка на прашалникот.
Откако барањето за членство во ЕУ беше предадено во февруари оваа година и откако се исполнија сите услови на европската агенда кои се неопходни за разгледување на апликацијата, Советот на ЕУ, денеска и формално побара од Европската комисија да го поднесе своето мислење за барањето на БиХ за членство во ЕУ.
Тоа значи дека Босна и Херцеговина во следниот период ќе добие неколку илјади прашања на кои треба да даде одговор.
Претседавачот со Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ изјави дека денешната одлука на Советот за општи работи на ЕУ е уште една потврда на европските перспективи на Босна и Херцеговина. Звиздиќ истакна дека прифаќањето на апликацијата на БиХ е историски момент и една од најпозитивните вести за граѓаните на земјата и европскиот пат на државата.
„ЕУ ќе започне да го подготвува прашалникот за БиХ со повеќе илјади прашања, кој ќе го добиеме во наредните шест до седум недели и рамковно ќе имаме шест месеци за одговор. Подготовките за одговарање на прашалникот се веќе започнати. Кандидатскиот статус, со добро лобирање и продолжување на квалитетната работа на БиХ би можел да се очекува до крајот на 2017 година“, изјави Звиздиќ од Брисел за сараевската ТВ1. Тој оцени дека е тешко да се говори за евентуален датум за членство на БиХ во ЕУ, бидејќи и самата Унија е соочена со бројни кризи. Тој меѓутоа оптимистички порача: „Ова е посебно позитивна вест за младите кои многу бргу ќе живеат во БиХ, која ќе биде членка на Европската унија“.