Босна и Херцеговина-заостаната туристичка дестинација?
22 март 2013
Меѓугорје, како најпосетена туристичка дестинација во Босна и Херцеговина, е само врв на сантата мраз и најдобро ја илустрира општата појава на непријавување на гости, која е присутна во целата земја, вели Асја Хаџиефендиќ- Мешиќ, портпаролката на Туристичката заедница на Федерацијата БиХ: „Нашите проценки се дека на Меѓугорје има околу милион и половина посетители и 4-5 милони остварени ноќевања. Меѓутоа, тоа се податоци кои остануваат во сивата зона.“ Од друга страна, со над 120.000 пријавени ноќевања во капацитетите на тамошниот комплекс на бањи, Теслиќ е најпосетениот град во Република Српска. „Комплексот бањи очигледно функционира во согласност со законите во БиХ и ги пријавува сите ноќевања, но е и еден светол пример кој покажува како бањските ресурси со кои во изобилство располага БиХ можат да се стават во функција на туристичката понуда“, вели Хаџиефендиќ- Мешиќ.
Адреналински туризам
Најголем напредок е остварен во сегментот на културно- историскиот, верскиот и еколошкиот туризам. Странските туристи посебно ги интересираат сочуваните природни оази, односно т.н. адреналински туризам на босанските реки. За промоција на босанските реки посебно придонел фактот дека списанието „Травелер“ на Нешнл Џиографик рафтингот на реките Тара, Врбас и Неретва го сместил во самиот врв на адреналинскиот туризам во Европа.
„Овој туристички аранжман претставуваше светски хит за кој особен интерес изразија Американците. Всушност, американската туристичка агенција на светот и му го понуди овој аранжман во соработка со локална туристичка агенција“, напоменува Асја Хаџиефендиќ- Мешиќ, портпаролка на Туристичката заедница на ФБиХ.
На гости кај пријателите во Босна
Германските туристички агенции, поради лошиот имиџ на БиХ, во својата разновидна и богата понуда не ги имаат босанските дестинации. Германците најчесто доаѓаат на покана од своите пријатели од БиХ, истакнува Мерсад Чолиќ, сопственикот на рафтинг агенција од Бихаќ.
„Најчесто нашите луѓе кои подолго време работат во Германија ги носат своите пријатели и деловни партнери. Тие се најчесто одушевени од она што го гледаат овде. Иако се многу скептични пред доаѓањето, дури откако ќе ги видат овие наши природни убавини и како ние професионално работиме, се одушевуваат и повторно доаѓаат“, кажува Чоралиќ.
Така и Ралф Морвински, претприемач од Меглинген кај Штутгарт, дошол во Бихаќ и седум пати се вратил да ужива во природните убавини и спортови на вода. „Земјата е многу убава, луѓето се љубезни. Каде и да отидевме бевме убаво прифатени. Природата е многу убава и можам само да ја препорачам оваа дестинација за сите оние кои сакаат да доживеат опуштен одмор. Би било добро кога германските туристички агенции во својата понуда би ја имале и Босна и Херцеговина“, вели Морвински.
„Туризам на црно“
БиХ пред се поради неразвиената инфраструктура, како што кажува Азра Хаџиефендиќ- Мешиќ, не е конкурентна дестинација за развој на елитен туризам и доведување на пребирливите европски и светски туристи, посебно Германците.
„Факт е дека БиХ има многу заостаната инфраструктура. Нашите возови и кога работат доцнат. Пругите се во многу лоша состојба. Нашите патишта се со многу лош квалитет и да пропатувате мал дел од БиХ ви се потребни часови и часови. На нашите аеродроми не слетуваат нискобуџетни авиокомпании со ефтин превоз и картите за Сараево се меѓу најскапите во светот“, истакнува Хаџиефендиќ- Мешиќ.
Покрај тоа, таа нагласува, со непријавување на гостите директно се намалуваат средствата потребни за туристичка пропаганда и можност за странски инвестиции. БиХ нема законски регулативи за туризмот, ниту пак Министерство за туризам на државно ниво, а поради комплицираните административни процедури отсуствуваат и странските инвестиции.
Причина, како што истакнуваат во Туристичката заедница на Федерацијата Босна и Херцеговина, е непријавувањето на гости и остварена заработувачка. Во Меѓугорје се пријавени само 18.600 ноќевања, а се претпоставува дека таа бројка би требала да изнесува дури и 5 милиона.