1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Босна и Херцеговина загуби даден гол и шанси за натамошен пласман

Александар Методијев/фена/бета22 јуни 2014

„Еден гол одлучи против нас, на наша несреќа“, рече Сафет Сушиќ, селекторот на фудбалската репрезенатација на Босна и Херцеговина, по поразот на неговиот тим од Нигерија.

https://p.dw.com/p/1CNqB
Фотографија: Reuters

Босна и Херцеговина загуби од Нигерија со 1:0 и така ги загуби шансите за пласман во осминафиналето на Мундијалот во Бразил. Босанските медиуми пишуваат дека дебитантите на ФИФА СП се простуваат од него незаслужено, бидејќи им е поништен регуларен гол постигнат во 21-та минута од натпреварот.

Поништениот гол го постигна Един Џеко. Судиите досудија недозволена позиција – офсајд, но повторената снимка покажа дека Џеко не беше во офсајд позиција и оти новозеландскиот судија Петер О’Лери и‘ поништи регуларен погодок на Босна и Херцеговина.

„По овој пораз е тешко три дена подоцна повторно да се мотивираат играчите да се обидат да го дадат максимумот. Но, обврска ни е чесно да се простиме. Штета за оваа генерација, но ним немам што да им замерам. Трчаа, се бореа, создаваа шанси“, изјави босанскиот селектор Сафет Сушиќ по синоќешниот натпревар.

WM 2014 Gruppe F 2. Spieltag Nigeria Bosnien-Herzegowina
Голот на Џеко беше поништен оти судиите „видоа“ офсајд, а камерите, пак, регистрираа чиста ситуацијаФотографија: Reuters

Стрелец на единствениот признаен гол на натпреварот беше Петер Одемвингие во 29-та минута, со што и’ донесе победа на неговата земја.

„Мислам дека треба да и’ се честита на Нигерија. Создаваа шанси и играа добро, многу подобро од она што го видовме против Иран. Имаа поголема среќа и затоа победија“, изјави селекторот Сушиќ. Тој се надева дека неговиот тим ќе го даде максимумот во последниот натпревар против Иран.

Критички тонови за играта на босанскиот тим стигнаа од голманот на репрезентацијата Асмир Беговиќ, кој изјави: „Нигерија беше подобра. Заслужено победи. Ние дадовме се’ од себе, ама тоа не беше доволно. Им оставивме премногу простор и тие тоа го искористија. Мораме да извлечеме поука од овој натпревар“.