Босна и Херцеговина во борба против корупцијата
14 декември 2010Не е тајна дека во БиХ постојат корумпирани полицајци, кои на улица можете да ги купите и за едно обично кафе, вели за Дојче веле доктор Амир Кржалиќ, проект директор во Центарот за безбедносни студии на БиХ. Но, тој истакнува дека вината за таквата состојба не ја сносат полицајците кои на улица ги вршат своите секојдневни должности, туку нивните претпоставени и политичарите, вели д-р. Кржалиќ:
„Ако на полицајците им ја намалите платата за да им ја зголемите на политичарите, тогаш власта практично ги прави полицајците корумпирани.“
Досегашната пракса во борбата против корупцијата, вклучувајки ја и корупцијата во полициските редови, покажува дека нивото на случаи кои се процесуирани пред домашните судови е премногу ниско, вели портпаролот на Транспаренси Интернешнал за БиХ, Ивана Корајлиќ.
„Ние ја поддржуваме оваа акција и се надеваме дека ќе следат и други акции за да бидат уапсени и да се поведе истрага и против оние кои се на повисоки позиции“, вели Ивана Корајлиќ.
Криминалните структури го поткопуваат безбедносниот систем на БиХ
Д-р. Амир Кржалиќ од Центарот за безбедносни студии на БиХ, смета дека една од причините за ниското ниво на процесуирани случаи за корупција во полицијата е врската помеѓу корумпираните полицајци и политичарите.
„Ако случајот биде суспендиран или ако многумина од уапсените за еден месец се најдат на слобода и ако за се‘ се молчи, тоа значи дека политиката врши притисок врз овој процес“, вели Кржалиќ.
Деканот на сараевскиот факултет за криминалистика Рамо Маслеша предупредува не само на поврзаноста помеѓу корумпираните полицајци и политичарите, туку и на поврзаноста на овие структури со вонинституционалните криминални центри на моќ.
„Тоа на одреден начин укажува на меѓусебна заштитничка врска внатре во тие организирани криминални групации и тоа претставува голем безбедносен проблем“, вели Рамо Маслеша.
Нова ера на владеењето на правото во БиХ
Говорејќи за причините заради кои оваа појава е присутна во БиХ, професорот Маслеша вели дека „во потполност не успеа внатрешната и надворешната правна форма на контрола над работата на полицијата“. Борбата против корупцијата е во фокусот и на Европската полициска мисија во БиХ (EUPM), која ја надгледуваше акцијата „Кастел“.
„Операцијата ја покажува силната определеност на полицијата и правосудството да ја завршат својата работа професионално, без оглед на тоа кој е предмет на истрагата“, вели портпаролот на Европската полициска мисија, Моња Колудер.
„Со тоа се праќа недвосмислена порака, како до полициските службеници, така и до јавноста, дека доаѓа нова ера на зајакнување на владеењето на правото во БиХ“, вели Колудер.
Според мислењето на аналитичарите, акцијата „Кастел“ го открива само врвот на „ледениот брег“ кога станува збор за корупцијата во полициските редови, а од нејзиниот конечен исход ќе зависат и идните акции насочени кон борбата против криминалот во полициските служби на БиХ.
Автор: Самир Хусеиновиќ/Владимир Калински
Редактор: Горан Чутаноски