„Босанскохерцеговскиот Мохамед Мурси“
30 мај 2014„Народ, кој е полн со дух, би рекол дека сме на пат да добиеме босанскохерцеговски Мохамед Мурси и дека на Мустафа Цериќ му фали само уште Муслиманско братство во форма во која постои во Египет“, вели за Дојче веле политичкиот аналитичар Славо Кукиќ. Тој смета дека кандидатурата на бившниот реис Мусатафа Цериќ за член на Претседателството на БиХ е „ужасна порака за босанскохерцеговското општество“.
„Тоа, без оглед на успехот или неуспехот на Цериќ на октомвриските општи избори, ќе функционира како дезинтегрирачки и како фактор на своевиден колективен страв и кај Србите и кај Хрватите во БиХ“, вели Кукиќ.
Според него, „најлошо што може да се случи е еден од верските поглавари да влезе во политичката арена, посебно ако се работи за поглавар со многу чудно минато“.
„Ќе потсетам, тој истиот Цериќ јавно порачуваше дека сите права кои Бошњаците ги имаат во Хрватска и во Србија, треба да им се дадат и на Хрватите и Србите во БиХ. Ако таков верски поглавар влегува во највисоката политика, тогаш не може од него да се очекува ништо освен проектот, кој го промовираше како верски поглавар, да продолжи да го реализира како политички“, вели Кукиќ.
Мусатафа Цериќ во изборна трка влегува сметајќи дека босанскохерцеговското општество се наоѓа во морална криза, па октомвриските избори се „последна шанса за промена на тешката ситуација во земјата“ и дека Бошњаците имаат најголема одговорност за судбината на БиХ. Тој затоа најави дека ќе и‘ пружи рака и на политичката левица и политичката десница „за силно да градат среден пат, центар“. Цериќ, кој според тврдењата на аналитичарите, своевремено се обиде да се наметне и како верски лидер на европските муслимани, сега има конкретни политички амбиции, при што смета и на значајна поддршка на дијаспората.
Милорад Додик: Политиката на Цериќ не е скриена
Во БиХ постојат поделени мислења за политичкиот ангажман на Мустафа Цериќ. Функционерите од Република Српска, меѓу кои и ентитетскиот претседател Миолрад Додик, немаат ништо против политичкиот ангажман на Цериќ, сметајќи го него за „поискрен“ од актуелните бошњачки лидери. Притоа алудираат на наводната визија на Цериќ за Босна како национална држава на Бошњаците.
„Би сакал тој да биде избран, зашто неговата политика не е скриена. Истото го мисли и Бакир Изетбеговиќ, само што тој не е толку храбар како Цериќ за тоа да го зборува“, изјави Додик.
Политичките аналитичари сметаат дека Цериќ не може да оствари значајни политички резултати само врз основа на гласовите од дијаспората. За да влезе во државното Претседателство, на поранешниот реис му се потребни гласови од БиХ.
Срѓан Пухало мисли дека шансите на Цериќ се многу мали. Членовите на бошњачките партии тешко дека ќе гласаат за бившиот реис, а не е веројатно дека исламската заедница ќе го поддржи.
„Мислам дека Цериќ не сфатил најдобро за што се кандидира, зашто неговите ингеренции се премали за на граѓаните да им ветува Маршалов план. Да бидеме чесни, Бошњаците уште сакаат еден друг бивш маршал“, вели Пухало за Дојче веле.
Публицистот Незад Латиќ тврди дека успехот нa Цериќ на претстојните избори би имал катастрофални последици за Бошњаците во БиХ.
„Влезот на клерици во Претседателството на БиХ дефинитивно би ги свел Бошњаците на верска група и би ги развластил од националните и политички премиси за европски интеграции“, изјави Латиќ за Српската новинска агенција, СРНА. Тој тврди дека Цериќ, како бивш реис, со својата кандидатура го „минирал“транзицискиот пат на Бошњаците кон секуларно и либерално-демократско општество во БиХ, како и дека еден од мотивите на политичкиот ангажман на Цериќ е „персоналниот анимозитет кон Бакир Изетбеговиќ“.
Граѓаните за кандидатурата на Цериќ
Граѓаните кои ги анкетиравме имаат различни мислења за политичкиот ангажман на Мустафа Цериќ. Ј.К. од Сарево мисли дека Мустафа Цериќ „го пропуштил моментот колку-толку достоинствено да се повлече од општествената сцена на БиХ“. Б.Д. од Тузла верува дека на Цериќ не му е местото во политика.
„Бевме сведоци на неговите вплеткувања во политичките текови додека беше поглавар на исламската заедница. Непримерно е поранешни и сегашни верски поглавари, владици и кардинали да се мешаат во политика. На граѓаните на оваа земја им е доста од небулози, празни приказни и богатења на туѓа сметка. Цериќ нема шанси“, вели Б.Д.
Х.С од Сараево тврди дека Цериќ има право на политичка активност, како и другите.
„Не знам зошто неговата кандидатура е дочекана на нож. Точно е дека беше верски поглавар, но тоа може да биде предност во однос на другите, на кои корупцијата, непотизмот и користољубивоста им се подраги од верата во Бог, од моралот. Не велам дека Цериќ е кандидат за кого ќе гласам, но сметам дека не е полош од актуелните властодршци кои оваа земја ја доведоа до работ на пропаст“, вели Х.С.
Мустафа Цериќ вели дека одлуката да се кандидира на претстојните општи избори како независен кандидат за бошњачки член на Претседателството не ја донесол сам. Во тоа, изјави на прес-конференција во Сараево, „добил поддршка и охрабрување од семејството, сограѓаните, соработниците и пријателите од Европа, Америка, од Исток“. На тој чекор се решил зашто сака државното Претседателство да биде „механизам за развивање и зачувување на државноста на БиХ“. Цериќ тврди дека суштината на неговиот иден политички ангажман ќе биде „борбата за човекови права и слободи, сигурност и економски прогрес“.