1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Босански радиоводител спасува човечки животи

6 октомври 2011

Алмир Чехајиќ со својата радио-програма досега ги спасил животите на 117 луѓе и обезбедил повеќе од 30 милиони долари за лекување на болни сограѓани.

https://p.dw.com/p/12mtj
Алмир Чехајиќ (лево) со Рејхана Муратовиќ и нејзината болна ќерка МедихаФотографија: dapd

Пред три години, некој затропа на вратата на Алмир Чехајиќ во малата сараевска радио-станица. Тоа беше 38-годишна мајка на три деца, која никогаш претходно не ја видел. Таа му рече кусо „здраво“ со силна порака: „јас умирам“.

Чехајиќ ја вклучи Лилјана Крањц во програма, и стотици Босанци наскоро издвојуваа пари за операција на нејзиниот тешко заболен црн дроб.

Тоа беше почеток на нешто големо.

Денес, милиони луѓе ја слушаат програмата на Чехајиќ, во која секоја недела се претставува судбината на некое тешко болно лице и се собираат донации за лекувања, кои очајниот здравствен систем во земјата не може да ги обезбеди.

Повеќе од 30 милиони долари се собрани досега. Илјадници луѓе донираат кој колку може, со што им овозможуваат на болните да се оперираат во странство.

За многумина, нај особен е фактот што дарежливоста ги надминува границите на етничката и верска поделба во земјата која настрада во граѓанската војна на почетокот на 90-те години.

Нема предавање

Чехајиќ го започна своето „ток шоу“ пред 12 години, по смртта на неговата 19-месечна ќерка за која не успеал да обезбеди 150 илјади долари за операција во Германија.

„Таа умре, и јас умрев истиот ден. Имам чувство дека носам нож в градите оттогаш“, вели Чехајиќ.

Bosnien Herzegowina Radio Gebäude
Зградата на босанското радиоФотографија: DW

Чехајиќ, кој е стоматолог, започнал со радио-програмата за да им даде поголем публицитет на проблемите во здравствениот систем. Наскоро имал по околу 3 илјади јавувања дневно од луѓе кои сакале да ги споделат своите застрашувачки приказни.

Кога Лилјана Крњац влегла во студиото, Чехајиќ одлучил да испроба нешто ново: го објавил  бројот на нејзината банкарска сметка и ветил дека нема да ја прекине програмата се додека не бидат собрани 100 илјади долари потребни за нејзината операција.

„Бев очаен. Ги повикав во живо во програма претседателот, премиерот, актери... сите кои можев“, се присетува тој. Наскоро телефонската линија „експлодирала“ од повици.

„Продуцентот ме информираше дека 5 илјади луѓе се јавиле. Па 10 илјади, потоа 20 илјади, 50 илјади... На крајот ја спасивме Лилјана“, вели Чехајиќ.

Неверојатниот одек на програмата на Чехајиќ наведе уште 52 други радио-станици и две телевизии да почнат да го пренесуваат неговото „шоу“. Чехајиќ ги спои сите заедно во невладина организација под името Отворена мрежа, која досега ги спаси животите на 117 луѓе. Денес, неговата програма се пренесува и во Србија и Хрватска.

Заедно во радост и тага

Ружица Мркајиќ, која работи како координатор за Република Српска во Отворена мрежа, вели дека е неверојатно како програмата успеала да ги обедини некогашните непријатели кои се’ уште не сакаат да се погледнат в очи.

Sterbehospiz in Tuzla
Соба во болницата во ТузлаФотографија: DW

„На некој начин неговиот апел ги спои сите Босанци. Заеднички ја делиме и тагата и радоста“, вели Мркајиќ.

Мрежата досега им помогнала на 3.200 луѓе кои боледувале од несмртоносни болести, и обезбедила финансиска помош за 5 илјади луѓе кои живеат во екстремна сиромаштија.

Неодамна на програмата кај Чехајиќ беше осумгодишната Медиха Муратовиќ, за која докторите прогнозираат дека и остануваат уште само неколку недели живот. Додека таа седеше во студиото, Чехајиќ им објаснуваше на слушателите дека шансите да се спаси Медиха се многу мали и оти единствена шанса е трансплантација на бел дроб и срце во Австрија.

Благодарение на донациите тој ден, Медиха ќе може да отпатува во Виена на прегледи. Чехајиќ им објаснува на слушателите дека за операцијата ќе бидат потребни далеку повеќе пари, стотици илјади евра. Нејзината 29-годишната невработена мајка Рејхана ги покрива очите додека плаче во студиото. Таа никогаш на верувала дека ќе најде пари за лекување на ќерката.

Чехајиќ ја зема Медиха во својот скут и преку микрофонот им испраќа порака на политичарите во Босна, кои и тој ден не успеаја да формираат нова влада.

„Колку потрошивте на обезбедувањето за вашиот денешен состанок? Направивте ли воопшто нешто“, ги прашува Алмир Чехајиќ.

Автор: Борис Георгиевски/ап

Редактор: Симе Недевски