Босански приватни универзитети со непризнати дипломи
10 јули 2012Амила К. својот престој во Виена за време на летниот распуст го замислувала како туристичка посета за време на којашто ќе ги заврши и сите формалности неопходни за упис на магистерски студии, кои сакала да ги заврши на Виенскиот универзитет. Но за дипломираниот економист, барем според дипломата што ја донесла од БиХ, летниот распуст се претворил во кошмар.
„За мене беше неверојатен шок, нешто неописливо, зашто ми рекоа дека овде не можам да се запишам на магистерски студии поради тоа што тие не ја признаваат мојата диплома. Значи не само што програмите не се поклопуваат, туку дипломата како таква за нив е неважечка. Што да речам? Бев бесна, огорчена, едноставно не знаев што да правам“, раскажува Амила.
Факултетот што Амила го завршила, како што вели, „во еден од трите најголеми градови во БиХ“, е приватен и во името содржи збор „интернационален“, така што студентката била дотолку повеќе изненадена со оценката за својата диплома од страна на референтите на Виенскиот универзитет.
„Кога сега посмирено ќе размислам за тоа, најлошото од се‘ е што на факултетот ме држеле во убедување дека со нивната диплома можам да го продолжам школувањето каде било на светот, додека тие очигледно никаде на светот не ја ратификувале таа диплома“, констатира разочарано Амила К.
Советувалиштето има полни раце работа
Случаи како нејзиниот има се‘ повеќе. Дипломите од БиХ кои ветувале многу, а во Австрија не важат, речиси секојдневно се тема во советувалиштето на здружението „Колегиум Босниакум“, кое е здружение на студенти од БиХ во Австрија.
Членот на управата и една од советниците на новодојдените студенти од БиХ е и Сања Муратовиќ: „Работата е во принцип едноставна - доколку универзитетот или факултетот во БиХ не се признати во Европа, тогаш студентот со диплома од таа установа не може да запише магистерски студии во Австрија, ниту доколку се работи за бечелор студии може да се префрли на факултет во оваа земја. Има се‘ повеќе студенти од БиХ кои сакаат да магистрираат во Виена, но со големо жалење мора да констатираат дека дипломата не им вреди онолку колку што мислеле дека вреди. Сметаме дека не е фер на луѓето да им се даваат лажни ветувања дека со диплома од некој приватен универзитет можат да го продолжат школувањето каде било во светот и сметаме дека не е чесно да се искористува нивниот дух и желба да се школуваат, зашто тие универзитети обично многу чинат - и труд и време и пред се‘ пари“, вели Сања Муратовиќ.
Функцијата советник во студентското здружение Муратовиќ ја извршува од почетокот на годинава, но веќе подолг период е советник во Австриската унија на студенти, здружение на студенти на државно ниво, кадешто е задолжена за советување на сите странски студенти во Австрија. За студентите од БиХ, но неретко и за оние од Србија и Хрватска, често е голем шок кога ќе сфатат дека три или четири години школување во татковината минале на „погрешна“ образовна установа.
„Тоа, се разбира, предизвикува многу лутина, но и недоверба кон нас. Студентите полни со бес и неверување дека по три, четири години студирање и завршени бечелор студии немаат воопшто право да запишат магистерски студии, се лутат на сите, па и на нас. Потоа обично се обраќаат до различни институции, додека на крајот не дојдат повторно на исто, а тоа, за жал, е фактот дека факултетите што ги завршиле едноставно не се признати“, објаснува Муратовиќ.
Внимание при упис на факултет
Принципиелно важи дека школувањето во Виена може да се продолжи дури по запишувањето на факултет во БиХ. Студените кои во БиХ запишуваат факултет кој е признат од австриските институции, школувањето во Австрија може да го продолжат без проблеми, вели Муратовиќ. Во случаите на завршени бечелор студии се споредуваат плановите и програмите и понекогаш се случува, доколку некои испити не постојат во БиХ, тие да мора да бидат накнадно положени во Австрија, што начелно не е проблем. „Проблемот е во самото признавање на одделни институции од БиХ, зашто дипломите и работата на тие установи не се валидни. Притоа најчесто станува збор за дипломи на одделни приватни универзитети“, нагласува Муратовиќ.