1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борусија Дортмунд ќе даде се‘ од себе против Реал

К.Копс / Е.М.Фиданоска8 април 2014

Шансите на Борусија Дортмунд да се пласира во полуфиналето на Лигата на шампиони се минимални. Сепак, и покрај резултатот од 0:3 во Мадрид, Дортмунд сака да прикаже добра игра.

https://p.dw.com/p/1Bdea
Фотографија: Reuters

Кај Борусија Дортмунд владее воздржаност пред вечерашниот (8.04) натпревар против Реал Мадрид. Нема борбени најави, одвај да има самодоверба. Ако воопшто може да се зборува за надеж за натамошен пласман, тогаш таа се должи на враќањето на Роберт Левандовски. Полјакот треба да се погрижи за чудо, можеби како пред една година, кога со четири гола ги исфрли „кралевите“ од натпреварувањето. И покрај високиот пораз на Борусија во Мадрид, Левандовски се‘ уште не се откажал од сите надежи за пласман во полуфиналето на ЛШ: „Не смееме да се плашиме. Ако се укаже шанса, треба да ја искористиме.“

Zenit St. Petersburg - Borussia Dortmund
Роберт Левандовски: Не смееме да се плашимеФотографија: picture-alliance/dpa

Левандовски вели дека би „бил луд кога би рекол дека пак ќе даде 4 гола“, но нагласува дека неговиот тим „ќе згазне на педалот за гас“. И тренерот на Борусија Дортмунд, Јирген Клоп, внимателно ги избира зборовите пред натпреварот, знаејќи колкаво е знаењето и класата на противникот. „Не знам колку чуда кои претходно биле најавени воопшто се случиле во фудбалот. Она што можеме да го ветиме е добар настап на екипата.“

Прецизноста на Шпанците остава малку простор за надеж. Во текот на изминатите 22 натпревари во гости во Лигата на шампиони, Реал Мадрид постигнал барем еден гол. Особено ќе биде тешко да се запре Кристијано Роналдо, кој досега има 14 погодоци во ЛШ. Поради проблеми со коленото, светскиот фудбалски ас вчеравечер (7.04) по само 20 минути го прекина завршниот тренинг на арената во Дортмунд.