Со чекани ли се помага интеграцијата на Македонија?
26 септември 2016Македонија да преземе мерки против подбивањето со бугарските споменици на нејзина територија. Ова го побарал бугарскиот премиер Бојко Борисов од техничкиот премиер на Македонија, Емил Димитриев, на маргините на самитот во Виена „Мигратската рута на Балканот“, каде викендов двајцата учествуваа во разговорите за справување со мигрантскиот бран кон Европа.
Како што пренесуваат бугарските медиуми, повод за ваквата реакција на Борисов е кршењето на споменикот на загинатите бугарски војници на врвот Кајмакчалан, извршено од страна на македонскиот новинар Миленко Неделковски.
Димитриев, за македонските медиуми ги пренесе заклучоците од самитот, како и пораките од европските колеги со кои раговарал на маргините на средбата - дека треба да се одржат избори во декември за да се реши политичката криза. Но за пораките што ги добил од бугарскиот колега, македонската јавност се информираше од бугарските медиуми.
„Ако не преземат мерки и кршат со чекани бугарски споменици, ќе имаат многу непријатни средби потоа. Ова ја помага ли нашата соработка? Ја помага ли интеграцијата на Македонија во ЕУ? Утре ќе треба да гласаме за нив“, изјавил бугарскиот премиер по разговорот со Емил Димитриев.
Како што пренесува бугарскиот весник „24 часа“, Борисов се заканил и дека Македонија повеќе нема да добие помош од Бугарија, ако не се преземат мерки против вандалскиот чин.
„Тогаш кога најмногу очекуваат помош, нема да ја добијат. Испративме и пожарникари, и вода, и храна - и сите Македонци беа задоволни дека Бугарија им помогна (по поплавите од 6-ти август - н.з). Во средата Министерскиот совет изгласа 300.000 лева помош за Македонија. И после се, тоа ли го заслужи Бугаринот? Ние се однесувавме братски кон нив, а излезе да се кршат плочи!“, изјавил Борисов.
Изненадувачки одговор
Пред него, и министерот за надворешни работи Даниел Митов побара официјално објаснување од Скопје, откако од Бугарската социјалистичка партија (БСП) инсистирале во Собранието да се разговара за кршењето на споменикот.
Македонското Министерство за надворешни работи минатата недела ја повика Бугарија да ги почитува меѓународните процедури за поставување спомен-обележја.
„Очекуваме од нашите пријатели од Република Бугарија да ги почитуваат меѓународно прифатените процедури за поставување спомен-обележја. Воедно, очекуваме институциите да ги обесхрабрат сите актери што нелегално поставуваат обележја на територија на друга држава, а кои потоа можат да бидат цел на акти на насилство или да предизвикаат негативни чувства кај граѓаните“, беше потенценирано во реакцијата од МНР. Бугарските медиуми го оценија како „изненадувачки“ ваквиот одговор, во кој се вели дека уништениот споменик бил нелегален. Тие ги пренесуваат и изјавите на бугарските европратениците за последиците од ваквиот чин врз шансите за македонската евроинтегација.
„Повторно станавме жртва на големомакедонските комплекси! Она што го направија македонскиот новинар и неговите пријатели со војничкиот споменик на врвот на Кајмакчалан, не може да биде опишано само како вандализам, уште повеќе затоа што ова не е прв случај“, напишала на Фејсбук, Илијана Јотова, заменик-претседателка на Комисијата за граѓански слободи, правда и внатрешни работи на Европарламентот.
„Во извештаите кои ги пишуваме за напредокот на Македонија за членство на ЕУ, секогаш го покренуваме прашањето за подбивањето со бугарските споменици. Додека тоа не запре, ние нема да дадеме зелено светло за членство на оваа земја во ЕУ“, категорична била европратеничката од бугарската левица.
Нејзиниот колега од ГЕРБ, Андреј Ковачев, смета дека „рецидивите на омраза од страна на Скопје не може да се толерираат“.
„Со провокации кон Бугарија, партијата на господинот Груевски може да додаде некој процент на изборите, со оглед дека се претставува како единствениот чувар на 'македонскиот идентитет', но ќе ја загуби иднината на земјата“, изјавил Ковачев.
Три споменици
И додека се множат реакциите, директорот на бугарскиот Национален историски музеј (НИМ), Божидар Димитров, најавил дека советот на директори во таа институија одлучил одново да се востанови споменикот, како и уште два други на територијата на Македонија - воените гробишта на Осмиот приморски полк во село Хума и споменикот на полковникот Константин Каварналиев во близина на Дојран. Уште на денот на уништувањето, донаторска кампања за враќање на спомен - плочата на Кајмакчалан најавил и пратеникот од БСП, Жељо Бојчев.
Во бугарските медиуми, се пренесуваат и бројни изјави, според кои, фактот што чинот на уништување на споменикот бил извршен токму на Денот на независноста на Бугарија, е индикатор дека станува збор за многу повеќе од „вандализам“.