Борба за секој глас
23 јуни 2016Ако референдумот за или против останување во ЕУ беше фудбалски натпревар, за Мајк Тичин и неговиот тим ова ќе беше игра на туѓ терен. Хичин и неговиот тим носат сини маички на кои е отпечатено “Јас сум внатре”. Тие поставиле мал штанд со информационен материјал. “Остануваме”, слоганот на приврзаниците на ЕУ, стои на летоците, беџовите и налепниците што тие им ги делат на минувачите.
Хичин и неговите соработници се наоѓаат на пазарот во Ромфорд и се борат Велика Британија да остане во ЕУ. Североисточното предградие на Лондон го сметаат за упориште на противниците на ЕУ. Тоа го покажува и погледот врз пазарот: многумина трговци на тезгите истакнале натписи “Гласај за напуштање”, мотото на противниците на ЕУ.
Загриженост поради доселувањето
„Ова е најскептичното место во земјата во однос на ЕУ“, вели Хичин. Тој раскажува дека наспроти потиштувачкиот почеток, сега нивната кампања се одвива добро и наидува на добар одзив: “Луѓето се љубопитни кога ќе слушнат факти и аргументи”.
Но, на ден пред референдумот работите не одеа толку добро за борците на кампањата за останување во ЕУ. Еден постар господин страшно се возбуди поради тоа што премногу мигранти доаѓаат во Велика Британија. Мајк Хичин остана смирен и се обиде пријателски да разговара со него, но човекот стана уште поемоционален и си отиде налутен.
Премногу доселеници е најголемата загриженост на противниците на ЕУ, вели Хичин: “Тоа може да е и оправдана загриженост, но мислам дека таквите пробеми подобро ќе ги решиме ако сме обединети и ако кооперираме”.
Убедувањето оди тешко
И Крејг Рајмер е доброволец во кампањата за останување. Тој се обидува да убеди една група постари дами.
„Во случај на напуштање на ЕУ старосната граница за пензија би можела да биде крената на 69 години“, вели тој.
„Се` едно ми е, јас сум веќе во пензија“, вели една од жените.
„Но јас не сум. И што ќе биде со вашите деца и внуци?“, возвраќа тој.
“Тие живеат во Австралија, една пристојна земја”, му одговара жената.
“Австралија е доселеничка земја”, контрира Рајмер.
„Кај нив има и место, овде станува се` пополно“, не се дава жената.
“Таа е можеби географски поголема, но има и многу пустина”, вели Рајмер.
Конечно сите ги зафаќа смеа. Рајмер се обидува на групата да ѝ врачи една чанта со отпечатена порака “Остануваме”, но тие го одбиваат. Сепак барем успеа да им даде неколку летоци. Жената, смеејќи се, му упатува благослов, а на присутните им вели: „Тој се обиде и добро си ја изврши работата. Но, не ме убеди. Не му верувам ни збор“.
Оптимизам кај противниците на ЕУ
Само неколку метри понатаму, на едно градилиште се поставени транспаренти на кампањата за напуштање на ЕУ. Ова за нејзините поборници е домашен терен. “Како што гледате, ние делиме далеку повеќе летоци, отколку кампањата за останување”, вели Џорџ Батен. Тој е пратеник на анти-ЕУ партијата УКИП во Европскиот парламент и е оптимист во врска со референдумот: “Во Ромфорд сосем сигурно ќе постигнеме висока победа”, убеден е тој и верува во победа со зачителна предност и во целата земја, оти на луѓето веќе им било преку глава од ЕУ и сакале да ја напуштат. Но, последните прогнози не ги потврдуваат неговите проценки и предвидуваат изедначена борба.
Тимот на Батен не мора многу да се труди да ги убедува луѓето во Ромфорд; напротив, се чини дека неговите активисти и граѓаните се на исто мислење. Една жена го чука Батен по рамото и гласно вика: “Остануваме обединети”. Но јасно е дека притоа не мисли на ЕУ.
Обострани прекори за лаги
Обата табора се само неколку метри оддалечени и изгледа како пријателски да се однесуваат едни спрема други. Нема меѓусебни дискусии. Батен ја критикува кампањата за останување во ЕУ: „Тие играат на картата на стравувањата на граѓаните – ако излеземе од ЕУ ќе се случело било какво зло, би можела да биде катастрофа. Тоа се само лаги“.
Но и приврзаниците на ЕУ им префрлуваат на противниците дека шират лаги: “Тоа е по некогаш и смешно. Борис Џонсон (поранешен градоначалник на Лондон, противник на ЕУ – н.з.), на пример, рече дека ЕУ ќе ни забрани да купиме повеќе од три банани одеднаш”, вели Питер Стримс од кампањата за останување, делејќи летоци. Тој укажува и на посериозни работи: „Има многу хорор-приказни за масовно доселување, има ветувања дека економски се` би одело подобро во случај на излегување од ЕУ“. Неговиот соборец Рајмер додава: “Страната што е за напуштање тврди дека Турција наскоро ќе пристапела кон ЕУ и тогаш во еден потег во земјава ќе дошле повеќе милиони доселеници”.
Во меѓувреме Мајк Хичин разговара со една млада жена. Таа уште не е определена како ќе гласа: “Тој кажа неколку работи кои ме убедија. Но, ќе ја слушнам и другата страна и дури потоа ќе се решам”.
За Мајк Хичин тоа беше добар разговор. Десет проценти од Британците беа неопределени до последен момент. Тој можеби убеди во своја полза една од неопределените.