1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Божо Петров - политичар каков е потребен и во БиХ и во други земји

Милан Шутало / Александар Методијев14 февруари 2014

Градоначалникот на Метковиќ ја намали својата и платата на администрацијата, за третина го намали долгот и транспарентно троши јавни пари. Граѓаните го фалат, а претходникот вели: Тој има ражен, ама зајак нема да улови.

https://p.dw.com/p/1B89K
Фотографија: privat

Кога д-р Божо Петров ја презеде должноста градоначалник на Метковиќ, по победата на локалните избори со независната листа „Мост“, тој затекна долг од 17,6 милиони куни, или повеќе од два милиона евра, колку што изнесува и градскиот буџет. За седум месеци долгот на градот е намален за 35 проценти.

За да ги врати долговите, овој градоначалник не зема кредит, туку си ја намали платата на законски минималниот износ од 3.600 куни, или 450 евра. Платите се намалени и во целата градска администрација и во установите. Замениците на градоначалникот волонтираат, а советничките надоместоци сега изнесуваат симболична една куна по седница. Укинати се дополнителните исплати за членовите на надзорните одбори и управните совети, трошоците за репрезентација се намалени за 10 пати, а патните трошоци за осумпати. Раскинати се многу штетни договори, со чија помош се извлекувале пари од градскиот буџет. Петров вели дека ги затворил „сите дупки низ кои протекувале пари од граѓаните“.

Градоначалникот е супер, а државата е катастрофа

Жителите на Метковиќ ги фалат потезите на новиот градоначалник.

„Тоа што го направи градоначалникот е супер, но тоа е капка во морето. Тоа мора да се прошири во целата земја. Државата ни е катастрофа. Овој град е со одлична географска положба - имаме клима, плодна земја и вода, а немаме ни работа, ни перспективи, ниту ништо. Метковиќ е слепо црево. Сѐ пропадна, сѐ се распадна. Градот живее од судот, полицијата, два трговски центри и две кафулиња. Сите млади, кои се школуваа во Сплит и Загреб, ни отидоа“, огорчено вели Ивана Приморац, жителка на Метковиќ.

Никола Обрван вели дека од новиот градоначалник не очекува ништо друго освен да биде чесен. „Ние сме мала средина и тој не може да направи многу, но може да биде чесен“, вели Никола. Додека на власт беше Стипе Габриќ - Џамбо само четворица смееја да се побунат, но сепак власта се промени, а најмногу благодарение на младите, додава тој.

Porträt - Bozo Petrov
Граѓаните го фалат Божо Петров, а претходникот го критикуваФотографија: privat

Поранешниот градоначалник Стипе Габриќ - Џамбо тврди дека е измислен градскиот долг. На една неодамнешна прес-конференција во Дубровник, Џамбо рече дека се сомнева како „потстанар со четиричлено семејство може да живее со 3.600 куни и сигурно има примања од страна“. Од градската управа одговорија дека сегашниот градоначалник Петров го „замрзна своето работно место во болницата во Мостар и работи за плата од 3.600 куни“.

„Начинот на кој новата власт се обидува да ги реши проблемите на градот Метковиќ може некому да му се допаѓа или да не му се допаѓа. Тие ги добија изборите и ја презедоа одговорноста. Ова е добар начин сите да се освестиме“, вели Иван Пармаќ од опозициската партија СДП.

Транспарентноста не е само форма

„Ниту јас, а ниту моите досегашни соработници веќе не можевме да стоиме настрана и да гледаме како градот тоне како некој брод со голема дупка на палубата и како во секој момент му се заканува потонување. Пред избори различни политички партии предупредуваа на тоа, но потоа сѐ се стишуваше и остануваше по старо, односно - стануваше сѐ полошо и полошо. Сфативме дека граѓаните веќе не им веруваат на политичарите и така беше создадена независната листа ’Мост’, чија цел не е да се занимава со политиканство, туку со транспарентно водење на градот“, вели Петров за Дојче веле.

Metković in Kroatien
Метковиќ веќе седум месеци има градоначалник кој владее поинакуФотографија: DW/M. Sutalo

„Транспарентноста не е само форма, туку таа е начин граѓаните да имаат увид во сѐ што се случува. Тоа може да ѝ користи и на локалната самоуправа, бидејќи информираните граѓани можат да даваат свои забелешки и предлози за подобрување на одредени потези на градската власт“, појаснува Петров.

Тој има намера да вложува пари во развојни проекти, пред сѐ во туризам и во малото и средно претприемништво. До нови пари тој нема намера да дојде со зголемување на давачките на граѓаните или преку задолжување, туку со проекти финансирани од фондовите на ЕУ. На информациите дека Петров бара пари од Брисел, претходниот градоначалник Џамбо рече дека неговиот наследник „направил ражен и сега лови зајак, ама нема да го улови, бидејќи зајак нема“.

Во меѓувреме Петров стана „градоначалник за пример“ во Хрватска, а неговото име сѐ почесто се споменува и во БиХ. Петров вели дека му годат комплиментите на интернет-форумите.

„Граѓаните и натаму ќе имаат недоверба кон политичарите, доколку тие на власт на сите нивоа не сфатат дека тие во позитивна смисла се слуги на народот и дека парите со кои располагаат не се нивни пари, туку пари на граѓаните“, нагласува Петров.