Блискиот Исток гори
9 јули 2014Израел во текот на изминатата ноќ нападна повеќе од 160 цели во Појасот Газа како реакција на ракетирањето од страна на милитантни Палестинци, изјави портпарол на израелската армија. Од почетокот на израелската офанзива во ноќта меѓу понеделникот (7.07) и вторникот, авијацијата и морнарицата нападнале 435 цели. Во истиот период, милитантни Палестинци од Појасот Газа во насока на Израел истрелале 225 ракети. Од нив, Израел пресретнал околу 40 ракети. Палестинските спасувачки екипи известија дека израелската авијација во текот на ноќта ја погодила куќата на бригадите Ал Кудс, кои се вооружено крило на Исламски Џихад. Куќата се наоѓа во градот Беит Ханун, северно од градот Газа. Командантот и пет членови на неговото семејство притоа се убиени, се вели од палестински извори.
Ракети кон Тел Авив
Хамас го обвини Израел за „страшни воени злосторства“ и ги прогласи „сите Израелци“ за „легитимна цел“ за напади. Во Тел Авив постојано се слушаат сирени за предупредување. Првпат по речиси две години милитантните Палестинци испукаа две ракети во подрачјето на Тел Авив. Израелската армија соопшти дека ги пресретнала ракетите. Тел Авив, кој има околу 400.000 жители, се наоѓа на околу 70 километри од Појасот Газа.
Аларм е вклучен и во Ерусалим. Отворени се сите бункери за заштита од воздушни напади. „Толку лошо никогаш не било“, оцени дописникот на германската телевизија АРД Маркус Рош, кој на Блискиот Исток е од 2006 година.
Подготовки за копнена офанзива
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчеравечер (8.07) излезе со изјава: „Државата Израел е среде кампања на повторно воспоставување безбедност и мир за нашите граѓани. Нема да дозволиме ракетирање на нашите градови и места. Затоа дадов наредба за значително проширување на воената операција против Хамас и другите терористички организации во Појасот Газа.“
Претходно, Нетанјаху и‘ даде насоки на армијата да се подготвува за можна копнена офназива во Појасот Газа. Притоа би можело да бидат мобилизирани и околу 40.000 резервисти.
Апели за воздржаност
Насилството на Блискиот Исток предизвикува загриженост во светот. Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун од сите страни побара најголема можна воздржаност за да се избегне натамошна дестабилицзација на состојбата и натамошни жртви. Тој ги осуди ракетните напади на Палестинците врз Израел. Но треба да се разговара и за „неодржливата ситуација“ во Газа и да се бара решение за конфликтот, нагласи Бан.
Арапската лига побара итна кризна седница на Советот за безбедност на ОН. Турското Министерство за надворешни работи од Израел побара „веднаш да се запре со напади“, како и вклучување на ОН за Израел да се спречи во спроведување на политиката на „колективно казнување“.
Напроти тоа, САД застанаа на страната на својот сојузник Израел. „Го осудуваме постојаното ракетирање врз Израел и израелското цивилно население од страна на терористите во Газа“, изјави портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест. Тој додаде дека Израел има право да се брани од нападите.
Германскиот министер за надворешни рабори Франк-Валтер Штајнмајер апелираше до двете страни „да се избегне воена конфронтација која излегува од контрола“.