Блиски Исток: Никој не попушта
9 август 2014По завршувањето на тридневниот прекин на огнот и повторните оружени судири, ОН и САД инсистираат на итни натамошни преговори за ново примирје во Појасот Газа.
Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, изјави дека е длабоко разочаран од прекинот на примирјето во Појасот Газа и го осуди обновениот ракетен напад на Хамас врз Израел. Апсолутно е неопходно продолжувањето на примирјето за да можат да напреднат и преговорите во Каиро меѓу Палестинците и Израелците, подвлече Бан Ки Мун во коминике. Тој ги повика двете страни „да не прибегнуваат кон нови воени дејствија, што можат само да ја влошат хуманитарната ситуација во Газа“, која и онака е веќе неподнослива.
Портпаролот на американската влада Џош Ернст ги предупреди Израелците, како и радикално-исламскиот Хамас и со него поврзаните групи, да се воздржат од употреба на сила. Слични апели стигнаа и од Египет.
Израелските авиони денеска повторно бомбардираат цели во Појасот Газа. Според екипите за медицинска помош, загинале најмалку петмина Палестинци. Припадници на Хамас истрелале повеќе ракети во правец на Израел.
Првпат вчера беа јавени и судири во Западниот Брег. Палестинците, во знак на протест против новата израелска воена акција во Појасот Газа, фрлале камења врз израелските војници, кои одговориле со гумени куршуми, но и со боева муниција. Убиени се двајца Палестинци, а над 30 биле ранети. Демонстрации имало во Наблус, Хеброн и во близина на израелските населби кај Рамала.
Уште по истекот на 72-часовниот прекин на огнот, милитантните Палестинци вчера започнаа со испалување ракети кон Израел. Според израелски воени извори, истрелани биле речиси 60 ракети само во вчерашниот ден, при што се повредени еден војник и еден цивил. Израелската армија реагираше со масивни воздушни напади врз цели во Појасот Газа. Освен тоа, Израел ги прекина индиректните преговори за војната, кои беа во тек во Каиро. Египетски извори тврдат дека дотогаш имало напредок во нив.
„Израел нема да води преговори додека се пука“, потврди владин портпарол.
Палестинците во преговорите бараат крај на блокадата на Појасот Газа и ослободување на палестинските затвореници од израелските затвори. Израел како предуслов за повторна обнова на уништениот Појас Газа инсистира на негова демилитаризација и обезоружување на милитантните организации, што Хамас го одбива.